Слевање на маргините

 Што е слевање | Архива на настани | Графички материјали |

 

 

Беди, Костуранов и Ирена Паскали во Гостивар

На 07. 05. 2004 (петок), во 20.00 часот, во Галеријата при Домот на култура "АСНОМ" во Гостивар ќе бидат отворени изложбите на Ибрахим Беди со наслов "Мојот дневник" и на Ване Костуранов - "Куќа одвај поголема од една планета" и проекција на видеото "На ова дно" на Ирена Паскали.



Ибрахим Беди е еден од позначајните македонски уметници во последниве десетина години. Роден е 1959 година во Скопје. Дипломирал 1985 на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, оддел скулптура. Од 1985-1990 учествува во активностите (перформанси, хепенинзи, мурали, инсталации) на групата "Зеро". 1991 добитник на стипендијата на Академијата Мимар Синан во Истанбул од страна на Министерството за култура на Турција. Зад себе има повеќе самостојни изложби и учества на повеќе групни изложби во земјава и во странство, а во 1997 година е учесник од Македонија на 5. Истанбулско меѓународно биенале, Турција.
Акцентот во проектот "Мојот дневник" (изведен во 2002 година) е ставен на топлината и интимноста на минатото и сеќавањата од кои авторот ја црпи енергијата за своите дела. Материјалот е природен, архетипски, долготраен (дрво, камен...) и со конотација на митското и ритуалното, наспроти урбаното, а поедноставените необични форми на предметите/деловите од употребените предмети се "патинирани# со ведри графички интервенции (цртеж). Со користењето на најобични и наједноставни готови (обработени, употребувани) или природни парчиња авторот ги извлекува предметите од заборавот на реалноста и им дава нова митска и уметничка функција.

Ирена Паскали е една од најактивните уметнички во Македонија чија преокупација е видеото, а во своите дела обработува општествени, социјални и психолошки теми. Родена е 1969 година во Охрид. Во 1995 години дипломирала на Природно-математичкиот факултет. Во 2000 дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф. Станко Павлески. Досега има 13 самостојни изложби, учествувала на мноштво групни, и е добитник на повеќе награди од неколку видео-фестивали.
Проектот
На ова дно на Ирена Паскали е кратка документарна приказна за начинот на којшто припадниците на двете најголеми религии - христијаните и муслиманите, живеат заедно. Оваа година, Ирена Паскали за видеото На ова дно (Ат тхис боттом) е добитник на 3-та награда (3рд Пангаеа Ањард) на "Халоњен Филм Фестивал", Институт оф Цонтемпорарѕ Артс, Лондон, Англија, за кратки филмови на тема "Тхе Дереллицт Сенсатион". Овој видео проект е реализиран 2003 година, во продукција на Култур Контакт од Австрија и Македонската телевизија и за прв пат се прикажува во Македонија.

Ване Костуранов е роден 1979 година во Струмица. Живее и работи во Струмица. Учествувал на групни изложби во земјава. Сегашната преокупација на Костуранов е графичкиот дизајн во што покажува исклучително големи резултати. Ване Костуранов нема формално ликовно образование, со што повторно се потврдува тврдењето дека талентот е сепак пресуден во создавањето уметност.
Главна опсесија на Ване Костуранов во неговата втора самостојна изложба, е куќата, на што укажува и самиот наслов на изложбата. Трансформирајќи ја во насловот сентенцата на Егзипери "Неговата родна планета е одвај поголема од една куќа" укажува на значењето кое овој мотив го има во неговото сликарство. Општо земено, сликите, изработени во техниките акрил и масло на платно, дрво и картон, го нагласуваат чувството на интимност и меланхоличност. Цртежот е навидум "детски" едноставен и одразува искреност и свежина, додека, пак, колоритот е понекогаш контрастен, но најчесто е одмерен и со лирска атмосфера.

Истата вечер ќе се промовира и јубилејниот број на списанието Маргина, проектот Слевање на маргините и веб-страницата на Контрапункт, а ќе се одржат и проекции на архива на десетгодишното постоење од списанието Маргина и спот на уметничката група од Белград Хоркешкарт.

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |