Слевање на маргините

 Што е слевање | Архива на настани | Графички материјали |

 

 

Културата и медиумите во мултикултурни заедници

место на одржување: Куманово, 15.04.2004 (четврток), мала сцена на Народен театар - Куманово, 20 часот
учесници: Љуљзим Хазири, Роберт Алаѓозовски (модератор), Никола Гелевски, Сеад Џигал, Маријана Иванова, Горан Илиќ, Џабир Ахмети
организатори: Културен Центар "Точка" - Скопје, ЗГ "Проарте"-Куманово, Народен театар - Куманово



Цел на оваа дебата е да се продискутира и да се подобри начинот на кои медиумите ги претставуваат важните општествени и културни прашања, како и прашањето на културата во хетерогените заедници.
Актуелната состојба на македонската култура и практиката во медиумите е дека тие се уште се сметаат за израз на етничката свест, или се редуцирани на тривијална стока за потрошувачка. Тие во голема мера им припаѓаат на клановите, на власта, и, во последно време, на трговците, односно корпорациите. Затоа се силни авторитарните и ригидните тенденции.
Културната различност е базичен ресурс за развој. На почетокот на 21 век, секоја земја треба да ги прифати културната различност, мултикултурализмот (под што мислиме на интеркултурализам и културен дијалог), и дијалогот како предуслов за суштински развој. Тоа значи дека различните култури и општествените групи треба да се препознаат и да се промовираат внатре во земјата. Она што веднаш станува јасно е дека сме изморени од Прокрустовскиот моно-културализам на Македонците, но исто така сме изморени и од бикултурализмот Македонци-Албанци. На Македонија навистина и треба мултикултурен општествен концепт кој културата и културната политика ја сфаќа во поширок пејзаж, отколку само во рамките на етницитетот, кој на моменти е првата и последната фортификациска линија во одбраната на индивидуалецот. Нема поголема деградација на комплексноста на една индивидуа од нејзиното редуцирање на племенското. Не само што индивидуата е деградирана, цели социјални групи како да не постојат во оваа груба племенска поделба. На македонската јавна сцена нема место за проблемите на хендикепираните, хомосексуалците, луѓето со вера различна од доминантните (Православието и Исламот), младите (особено децата), жените (особено малтретираните) и помалите етнички групи.
Поради сите овие причини и со цел да се одржи физичката и психолошката виталност на општеството, нужно е да се создаде една многу пофлексибилна и интегративна клима која ќе има чувство за различноста и разновидноста на сите нивоа на општеството. Ним на сите им треба еден "мултикултурен" (суштинско демократски) пресврт. Затоа ја нагласуваме важноста за вклучување на различни идентитетски, мултикултурни и различни теми и публики во културата и соодветно во медиумите.

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |