Целта
на овој разговор, кој е дел од
нашиот проект Слевање на
маргините, е јавно да се
продискутираат идеолошките
премиси на кои е базиран
проектот, како и критички да се
проанализира целокупниот
културен контекст на Македонија
во однос на претстојната
културна политика на државата -
децентрализацијата.
Проектот
"Слевање на маргините" е
тригодишен проект за
поттикнување на културна
продукција на локално ниво,
културна размена меѓу градовите
во Македонија, и културна
соработка меѓу различни
институции, државни и невладини,
како и креативни и уметнички
групи и поединци. Проектот е
посебно насочен кон младите,
запоставените, креативните и
иновативните уметници и
интелектуалци од различно
етничко, културно и социјално
потекло. Овој проект е подржан од
швајцарската фондација "Про
Хелвеција".
Македонија
не може да избега од глобалните
процеси и од структурните
редефинирања на улогите во
општеството и прераспределбата
на моќта во него. Во класичниот
политички образац општеството е
осмислувано според модел со кој
владеат вертикални форми:
пирамида, планина, скала. Денес
спротивноста врв-подножје е
заменета со спротивноста центар-периферија,
а едновремено е променета и
општествената динамика. Во
денешниот социокултуролошки
модел, повикувањето на државата-народ
или на територијата веќе не
задоволува. Со развојот на
индивидуалистичките инстанци во
рамките на мултикултурното
прашање, расте и значењето на
социокултуролошките фактори во
обликувањето на општествениот
простор, а слабее политичкото
влијание врз начинот на којшто
се одредува колективниот
простор и неговите учесници. Под
притисок на социокултуролошките
фактори, центарот денес е
принуден постојано да ја
преиспитува својата концепција
на системот, додека групите на
периферните позиции се борат да
наметнат други концепции.
Алтернативната
географија почнува да се
појавува на маргините кои го
оспоруваат самодефинирањето на 'центарот',
ја деконструираат културната
самосвојност и ги преправаат
картите на западниот модернизам,
со цел да откријат хетерогени
места, да ја откријат
картографијата на ломови која ги
нагласува односите помеѓу
различно вреднуваните глетки и
простори зашиени под маските на
единството од типот на
национална држава.