Слевање на маргините

 Што е слевање | Архива на настани | Графички материјали |

 

 

Нешто друго (сликовница), Контрапункт и Темплум, 2003, проект Слевање на маргините

рецензија на Искра Гешоска

од рецензијата:


"...
Едно од прашањата што се наметнуваат како примарни при коципирањето и ризикувањето со ваквиот производ можеби клучен по наше видување за една кампања, е зошто детски јазик? Зошто слики? Зошто поедноставена нарација, наместо високумна парола?

Соочени со времето во кое дејствуваме, преживуваме, во кое од петни жили се обидуваме да се позиционираме, дефинираме и заштитиме катадневно нè треснува по глава фактот дека се големи шансите да затапиме, скамениме и во најмала рака да станеме едно со сенишната, аморфна, ентрописка атмосфера во која ги нема другите а со тоа го нема и сопствениот идентитет. Живееме во заболено време, во трауматизирани простори каде што на конфликтот не му се дава придвижувачки и ослободувачки импулс со што би се случила размена и соочување, туку тој се претвора во фрустрирачки контекст што го врзува во јазол нашето дејствување и воспоставување релации и со секојдневието и со себе. Оттаму, сè посилна станува потребата за толкување и соочување и разрешување на вистината, а тоа не ни поаѓа баш едноставно од рака. И сметам дека дури и под закана на ужасот, таа треба да се дешифрира.

Сведоци сме на таканаречените тотализирачки нарации со кои сè "мазнат" и се изедначуваат сите противречности со цел да се направат подобни. И токму затоа го избравме јазикот што го нуди сликовницата Нешто Друго: тоа е јазик кој функционира и оперира со алатките на она што се нарекува "отворено дело" и е еднакво успешно на две нивоа: и на ликовно и на ниво на јазична структура. Од една страна пред нас има крајно поедноставена, исклучително восприемлива, јазична структура, а од друга страна атакува извонредна психолошка слоевитост и живост на ликовно и содржински опишаните ситуации кои отворено, јасно и смислено го проблематизираат секој деликатен аспект што може да го има не само едно дете ами и сите ние заедно во симболичката размена со светот околу себе.

Нешто Друго, со својот експлицитен и прилично актуелен наслов дури може да претдендира за нов жанр во научните дисциплини, особено кога станува збор за оние блиски на комуникологијата и на политичката филозофија: Би рекал дека е ова суптилна и заводлива лирска студија за инхибирачките аспекти со кој може да се сретна една личност во текот на својот развој од најраното детство па до позната старост, студија со која ненаметливо ни се нуди толкување на еден нов, паралелен свет, различен од оној наметнатиот со општествените конвенции. На секоја страница во фантастична ликовна и јазична, содржинска симбиоза, која на моменти е изразено загадочна и метафорична, се среќаваме на внимателно избрани самоконфликтни и самозапрашани контексти што субјектот, во случајов суштеството по име Нешто Друго, со својот светоглед, ги доживува и, обидувајќи се да најде одговор за нив.

И во тоа свое патување, Нешто Друго, без двоумење би рекла дека не само литерарно ами и психолошки применливо прво ги воспоставува, а потоа ги разобличува и вообличи со ново руво општествените стереотипи. И тоа го прави со опредметување на фантазмагорично поставените ликови. Нешто друго е специфичен начин и стил во кој се истражуваат, па дури со тенденција и искуствено да се практикуваат новите модели за доближување. Реалноста, како што велат некои современи мислители, е илузија и треба да се тежнее кон нејзино демаскирање. Во оваа сликовница го имаме обратниот процес - преку реалноста и живоста на измисленото ја демаскираме илузијата што ја живееме.

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |