Изложба на
Нехат Беќири во Неготино и Дебар
|
Најновиот
проект на тетовскиот уметник Нехат
Беќири, изложбата Коридори, во
рамките на проектот Слевање на
Маргините, ја поставивме во
Неготино, на 1 ноември, и во Дебар на 7
ноември.
|
Изложбата на Нехат Беќири беше
поставена заедно со цртежите на
Наташа Андонова, и во склоп на
промоциите на кампањата и списанието
Маргина, а во Дебар и во рамките
на дебатата Идентитетот и
современоста. Во почетокот на 2004
година истата изложба, овојпат како
самостојна ќе ја поставиме и во
просториите на културниот центар Точка.
Оваа двојна изложба е сржта на нашиот
проект, авторите различни по пол,
место на живеење, националност,
изразни техники и стил, да ги
доведеме во корелација и да ги
презентираме и во престолнината,
Скопје, и надвор, во два града од "провинцијата",
централното, етнички хомогено,
неготино, и мултиетничкиот
пограничен град, од крајниот запад на
Македонија, Дебар.
биографија
Роден 1967 во Тетово. Дипломирал 1991 на
Факултетот за ликовни уметности во
Приштина на сликарски оддел, во
класата на проф. Муслим Малиќи.
Завршил постдипломски студии (2000) на
истиот факултет. Живее во Тетово.
од рецензијата
на Маја Чанкуловска:
Можно ли е пробивање на коридорите?
Најновата изложба на Нехат Беќири
претставува спој на две различни
фази во творештвото на овој уметник.
Делата изработени во текот на 2000
година се со поголеми димензии и со
доминантна црна боја. Тие се всушност
настанати со декомпонирање на веќе
искористена театарска сценографија
и нејзино повторно оживување и
ставање во функција преку
експресивните сликарски интервенции
и материјалите акумулирани врз
платното.
Во најновите слики, изработени во
текот на оваа година (2003), авторот
внесува игра со линии кои, според
него, сугерираат коридори, но и
пробиви, врски, спојувања како визии
за движењето напред и "слободното
патување". Иако колоритот има
слична основа со претходните дела,
тука се чувства ослободување и
освежување од мрачната атмосфера
присутна порано.
Иако овие два периода во творештвото
на Нехат Беќири на прв поглед се
чинат различни, сепак има повеќе
елементи на нивна корелација, кои се
присутни на повеќе места и преку кои
може да се следи развојниот пат на
авторот. Апстрактниот израз е одлика
на сите дела, но се повторуваат и
одредени асоцијативни знаци - круг
како симбол на раѓањето, лак кој
наликува на бумеранг, линии кои се
изведени во вид на шема за играта "Х
- 0".
Сепак, можеби најзначајната нишка на
поврзување може да се почувствува
преку егзистенционалниот немир кој
помалку или повеќе е присутен во сите
слики од оваа изложба. Ако во првите
слики овој немир е изразен преку
енформелната постапка, во вторите (сите
со мали димензии), линиите кои се
повторуваат се спротиставуваат на
ограниченоста, и ја одразуваат
желбата за слободно движење напред и
ослободување од стегите.
|
|
|
|
|
|