Изложби и портфолија

 Автори со податоци |

 



ЕЛЕНА ПАНАЈОТОВА


Уметноста како “мајтапџиски” контрапункт
Маја Чанкуловска
 

“Уметноста за мене е 'мајтапџиски' контрапункт, ... наспроти безкарактерните хаотични позиции во претставувањето на провинцијални комплекси на досадните уметници кои 30 години претставуваат едно исто.”
Елена Панајотова
Уметноста на бугарската сликарка Елена Панајотова може да се опише како формално непретенциозна, уметност која без дополнителни коментари веднаш го задржува вниманието со својот добродушен потсмев и свежина. Образована како сликар, таа со исклучително прецизна рака работи во два спротивставени медиуми: наизглед безвремени цртежи со молив и весело обоени инсталации на секојдневни објекти, а во последно време ја користи и фотографијата. Нејзините дела се меланхолични и реферираат на сигурноста на домот, а изложени во галерија, добиваат форма на потрага по емоционално сигурен свет. Често се разликуваат меѓу себе, но не во смисла на творечки дисконтинуитет. Оди води кон избегнување на замките на веќе решени проблеми.
Елена Панајотова се интересира за природниот ритам на обликот, светлото и сенката, орнаментите и формите и се обидува на нежен начин да го предизвика гледачот да ги мобилизира сите чувства, мисли, фантазија и сеќавање. Користи различни, најчесто “стари” техники - молив, темпери, рачно боење на фотографиите, шиење и везење, кои бараат техничко познавање, но и големо трпение при изведувањето на уметничкото дело.
Прецизноста на Елена Панајотова особено доаѓа до израз во големите енциклопедиски цртежи Луцидните сништа на моите баби (The Lucid Dreams Of My Grandmothers) и сериите анатомски цртежи (Knowledge Is Not Wisdom, Wisdom is Not Truth, Truth is Not Beauty i Tractus gastrointestinalis, I love you, I hate you). Тука ги конфронтира духовните и физичките потреби, односно ги интерпретира фактите подлабоко отколку што тоа го прави науката.
Во делата на оваа авторка елементите и предметите добиваат сакрална смисла. Цртежите раскажуваат приказни за свет на фантазии. Во особена атмосфера, налик на театар, протагонистите се поставени пред илузионистичка сценографија, но за разлика од театарот, не се движат и не зборуваат. Костимираните ликови се неподвижни, ги прегрнуваат нивните музички инструменти или се замислени и со фиксирани погледи се загледани во далечина. Класично нацртаните глави наликуваат на раните ренесансни фрески, мозаикот на орнаменталниот фон и облеката асоцираат на Виенската сецесија, начинот на нанесување боја реферира на атмосферата во византиските икони, во комбинација со детали од секојдневното опкружување. Различните културни традиции се подлога за нејзините дела - таа комбинира различни стилови за да создаде нов еклектичен свет кој е вообличен исклучиво од нејзината фантазија со современа саркастична меланхолија.



« назад

 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |