Изложбата е составена од над 90 цртежи, настанати во периодот од 1996
до 2004 година, претежно изработени на хартија А4 формат, во кои
авторот користи повеќе техники: во молив, туш, фломастер, лавир,
пенкало, а дел од нив се колажи. Дел од овие цртежи веќе се објавени,
а најновите се надоврзуваат на циклусот цртежи започнат во 1996
година.
Карактеристичниот израз на Миле Ничевски се базира на употребата на
чиста линија, ослободена од додатни оптоварувања, што се надоврзува на
неговото графичко образование и искуство како илустратор и
стрип-цртач. Како што укажува и самиот наслов на изложбата, цртежите
се инспирирани од одредени состојби-фрагменти од реалноста каква што е
прикажана во мас-медиумите, што резултира со особена наративност во
делата на овој млад автор. Иако секој цртеж одделно експлицитно
проблематизира одредени состојби, сепак нема определен редослед на
нарацијата, туку дадаистички принцип на случајност во составувањето на
целините.
Претставите на Миле Ничевски се доминантно детски ликови во наивни
пози наместени за фотографирање поставени наспроти садистички сцени со
апсурдно наивен детски цртеж. Се сугерира едноставноста на детските
илустарции, сцени од ТВ и списанија, збогатени со рекламни пораки на
инцестуозни, секојдневни диктатори (политичари, поп-ѕвезди, модни
икони...).
Критичкиот модел во цртежите на Миле Ничевски реферира на
дадаистичките и надреалистичките модели на субверзивност,
анти-уметничко и критичко преиспитување и прикажување на доминантните
културни и општествени норми, институции и вредности. Во нив авторот
се подигрува со општествените, политичките, националните, религиозните
групи, со она што е дозволено и она што е придушено, насочено против
табуа и угнетување од сегакви диктатори.
Цртежите се состојат од испреплетени контрадикторности и
деконструирани нарации, со потсвесни претстави и нескриена сексуалност
во прикажување уметнички, идеолошки и теориски контроверзи, парадокси
и заблуди во современата култура. Авторот на екстремно циничен начин
ги демистифицира митовите и идеолошките ограничувања, различните
митови од културата, историјата и секојдневието; ги базира неговите
претстави на иронија и цитатност, поточно иронија во цитирањето.
Основната цел на делата на Миле Ничевски е пародирање и иронично
проблематизирање на важечкиот интерпретативен поредок, смело
подбивајќи се со колективниот дух, дури и со фетишите на мегакултурите
('Омаж на Егон Шиле', антички скулптури, средновековни илустрации,
Бош, Лихтенштајн...).
|