|
Анализирањето на делото на Љубомир Милошески за
потребите на еден мал, сепак каталошки текст, нужно доведува до
значаен предизвик. Причината за тој предизвик лежи во комплексноста на
овој проект, што од своја страна нуди повеќе насоки на интерпретација.
Навидум проектот е крајно сублимиран и “едноставен” за толкување, но
колку повеќе се оди кон вдлабочување, неизбежно е соочувањето со
повеќе слоеви, односно повеќе низи на знаковни структури кои ги
спротиставуваат и поврзуваат проблемите на ликовното и ангажираното,
како и модерното и современото.
Проектот “Од семејството" (2003) претставува продолжување и
проширување на проектот “Мутации" (2002). Во овие два проекта
Милошески ја (пре)испитува хуманоста преку релацијата човек - животно,
односно живо - мртво. Во првиот случај тој прави моќна фигура на бик
во природна големина, а потоа, повторно во природна големина
изработува луѓе, бидејќи, според авторот, болката не се чувствува кога
му се случува на некој друг. Во двата случаи користи евтин природен
материјал - свински кожи како материјал со специфична енергија,
“привлечност" (особен мирис, тактилност) и симболична нечистотија.
Иако нема крв како израз на бруталноста, таа е изразена преку
материјалот кој ги задржал “живите" карактеристики.
Спротиставувањето но и заедничкото функционирање на ликовните елементи
на проектот произлегуваат од самите фигурални претстави кои, иако
претставени композициски во вид на инсталација, делуваат како
самостојни скулптури слободно поставени во просторот. Авторот го
негува односот кон чисто ликовните елементи - тродимензионалност,
статичност, цртеж (раните, шавовите на кожата), боја (ако се земе
предвид природната боја на материјалот), игри на светло и сенка,
прикриен еротизам..., како потсетување на модерноста. Иако на
историјата на уметноста не и се непознати вклучувањата на живи и мртви
животни (вклучително и материјали и мириси) како објект, субјект или
симбол во реализација на уметнички дела (Јозеф Бојс, Дамиен Хрст,
Денис Опенхајм...), сепак Љубомир Милошески внесува невообичаена
“дрскост" со креирањето на “совршеното суштество" човекот.
Насловот на проектот “Од семејството" упатува на поврзувањето на
животот и уметноста и ангажираниот став на уметникот кој не е веќе
изолиран од случувањата кои го допираат, во случајот глобалните
проблеми на човештвото - убивањето и клонирањето (Бодријар),
отуѓеноста и суровоста на доминантниот човек. Ангажираноста, односно
критиката на “човештината" се доживува и преку интеракцијата со
публиката т.е. преку соочувањето со ликовниот однос на авторот. Ова
соочување со Другиот од Истото најчесто е проследено со чувство на
одбивност. Ако го искористиме ставот на Кристева дека одбивноста е
блиска и истиот го продолжиме и парафразираме, би можеле да заклучиме
дека одбивноста е блиска затоа што произлегува од самите нас, што
повторно може да се дефинира со стравот од губење на стерилноста и
комфорноста на денешниот урбан човек. Користењето на мртви животни
како еден вид објекти на своето делување е одраз песимизмот и
длабоката егзистенцијална потресеност на авторот. Преку понудената
дури апокалиптична визија за човештвото останува отворено прашањето -
што понатаму, после човекот? |