Бранко Прља објави прва книга со илустрации направени со помош на вештачка интелигенција во Македонија!

Во книгата „Еднаш Курт Кобејн тропал со лажици по куфери…“ од Бранко Прља се користени илустрации направени со помош на вештачка интелигенција наречена Стејбл Дифјужн (Stable Diffusion).

Книгичката можете да ја симнете бесплатно тука (овозможено од Арно.мк).

Се работи за прва таква соработка помеѓу човекот и вештачката интелигенција во историјата на македонската уметност, графички дизајн, литература и издаваштво!

Сликите добиени со текстуален „инпут“ се потоа обработени во типичен стил на Бранко Прља и едицијата „Фактопедија“ со примена „cut-out“ триколор инспириран од делата на Шепард Фери (Shepard Fairey, авторот на познатите постери „Надеж“ за Барак Обама).

За делото и „компресијата“ во книжевноста

Во делото „Еднаш Курт Кобејн тропал со лажици по куфери…“ на концизен и едноставен начин се „прераскажува“ кусата историја на Курт Кобејн, гранџ музиката и бендот Нирвана.

Се работи за 15-та книгичка во едицијата „Фактопедија“. Сите книгички од оваа едиција се достапни за бесплатно симнување на порталот арно.мк.

Целта на овие изданија е неформално образование, оригинален и нетипичен пристап кон обработка на една тема, со фокус на компресирањето информации и нивното пренесување во концизна форма, при што нема да се жртвува содржината. Се работи за концепт на кој Бранко Прља работи од почетоците на неговата писателска „кариера“ (ако може воопшто да се зборува за такво нешто во Македонија).

Едни од првите писателски обиди на Бранко Прља (пред објавувањето на првото негово дело) биле напишани на ливчиња со димензија на кибрит, на кои се обидувал да ги „компресира“ приказните. Инспирацијата за ова е појавувањето на mp3 форматот во раните 1990-ти и концептот за тоа дека со кратењето на високите и ниските фреквенции кои човечкото уво не ги перципира доминантно, може да се сочува звукот и квалитетот, а драстично да се намали „тежината“ на фајловите. Бранко Прља оттогаш се обидува да го направи истото во неговата литература.

Неговите „приказни на ливчиња“ подоцна се појавуваат во поинаква форма – збирка многу куси раскази со името „За секого по нешто, за некого ништо“ (Темплум, 2003) и во неколку други книги во следните две децении.

Фактопедиите се логичен продолжеток на оваа идеја, каде што на мал број страници и во мал формат Бранко Прља ги пренесува најзначајните факти на одредена тема.

Книгичкиве се мали по обем и број на карактери, но подразбираат едно сеопфатно и исцрпно истражување на темата. Дури тогаш е возможно да се „компресира“ едно море податоци во концизен формат.

Фактите не се сувопарно пренесени, туку честопати има авторски удел на писателот, кој со своето искуство и стил ги обликува да бидат приемчиви, лесни и интересни за читање.

Зошто Нирвана денес?

Книгата „Еднаш Курт Кобејн тропал со лажици по куфери“ ја изнесува тезата дека три децении по настанувањето на гранџот во историјата на светската музика не било создадено такво движење, (особено алтернативно) кое глобално ја хипнотизирало светската публика, толку долго останало на врвот на топ-листите и имало масовно влијание врз една генерација.

Причината е во технологијата и перцепцијата на музиката, уметноста и креативните индустрии. Не се работи за тоа дека луѓето станале некреативни и неспособни за музички или уметнички револуции (напротив!), туку едноставно вниманието на публиката се изменило и станало многу покусо.

„Во иднината секој ќе има 15 минути слава“ – Енди Ворхол

Со дигитализација на информациите и се полесната достапност, апсурдно е да се зборува за влијанието на MTV или кој било друг централизиран медиум. YouTube е единственото монополско чудовиште кое сепак нема монопол врз нашите перцепции. Тој е аудио-визуелен тек на свеста на колективниот ум и во него е невозможно да доминира еден правец или да се изврши долготрајно глобално влијание.

„Сѐ тече, сѐ се менува“ како што кажал Демокрит – тоа е максимата на денешното време.

По три децении време е да се потсетиме на бендот Нирвана, да ги истражиме причините за неговото настанување, што довело до неговиот метеорски сјај и пад, и колку тие оставиле влијание на глобалната светска култура. Курт Кобејн е трагичен лик, но она што треба да нѐ инспирира и интересира не е неговиот крај, туку неговиот живот. Токму за тоа е книгичкава.

Зошто вештачка интелигенција и што понатаму?

Прашањето е „зошто да не“! Таа е тука, достапна е, и не планира да си замине! И не само тоа, вештачката интелигенција ќе навлегува се повеќе во нашите животи и тоа не е изненадување.

Она што е изненадувачки е колку брзо и интензивно таа навлезе во светот на креативноста. Пишувавме за DALL-E, GPT-3, MidJourney и други модели на машинско учење, но ни се чини дека вистинската револуција наскоро доаѓа, и тоа во формата на Stable Diffusion. Но, што е тоа?

Stable Diffusion е вештачка интелигенција, поточно модел за длабоко учење, по принцип „текст-на-слика“ објавен кон крајот на август 2022 година. Се работи за прва вештачка интелигенција која е 100% бесплатна и со отворен код.

Ни се чини дека ова допрва ќе предизвика вистинска револуција во уметноста и креативните индустрии. Stable Diffusion е сѐ уште „бебе“, но веќе дава сериозни резултати. Вакви и слични проекти ќе предизвикаат широка распространетост, не само во светот на илустрациите и нивните примени, (на пример во ангажирањето уметници, банките на слики итн.), туку и во игрите, стриповите (comic books), филмовите и слично. На Редит веќе се одвиваат дискусии на темата.

Сето тоа може да се развива во две насоки: 1) потребата од креативците ќе се намали, 2) креативците ќе научат да соработуваат со вештачката интелигенција и да ја употребат за подобрување на нивните креативни производи.

Технологијата не може да се сопре, но од нас зависи дали ќе биде искористена за лошо или за добро. Ние од Арно.мк сме за втората опција и заради тоа делото на Бранко Прља „Еднаш Курт Кобејн тропал со лажици по куфери“ е значајно во историјата на македонската уметност, графичкиот дизајн, литературата и издаваштвото.

Технички опис на Stable Diffusion и на книгичката

Се работи за латентен дифузен модел на веројатност, разновидна длабока генеративна невронска мрежа развиена од групата CompVis во LMU Минхен. Моделите на дифузија биле воведени во 2015 година поттикнати од теоријата на нерамнотежна термодинамика. Моделот е објавен во соработка со Stability AI, CompVis LMU и Runway со поддршка од EleutherAI и LAION.

Кодот и моделите на Stable Diffusion се објавени јавно и се широко достапни за апликација на обичен хардвер опремени со скромен графички процесор. Ова означува отстапување од претходните сопственички модели на „текст-на-слика“ како што се DALL-E и Midjourney кои беа достапни само преку „cloud“.

За илустрациите во книгата е користена оваа апликација.

Ова се дел од резултатите добиени со текстуелен „инпут“ во Stable Diffusion и кои се потоа обработени во стилот на Фактопедија.

Можете да експериментирате и сами, навистина е забавно и секој пат добивате сосема оригинална слика, а освен тоа ќе имате увид од прва рака во иднината на креативните индустрии!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.