Дали рокенролот во Македонија пропадна 30 години по „Архангел“?

Каква е состојбата во (музиката на) Македонија 30 години по деби-албумот на Архангел?

Првенецот на Архангел одекна длабоко во колективната (уметничка) сцена во Македонија. Тоа беше време кога еден бенд или музички жанр можеше да стане мејнстрим и да владее долго време во етерот. Денес тоа се чини невозможно.

Зошто првенецот на Архангел беше посебен?

Од каде да почнеме? Осамостојувањето на Македонија. Прв голем македонски бенд по Леб и Сол (се разбира не ги заборавивме Мизар, Лола в Штајн, Инола X, Кисмет итн.) Архангел можеше да наполни стадион, а воедно беше суштински рокерски бенд. Денес тоа во македонската сцена е невозможно.

Првенецот на Архангел по повторно слушање децении подоцна звучи сосема современо и може да стои барабар со модерните бендови.

Албумот се отвора со „Ладно оружје“ кое е вистинско музичко ремек-дело. Ритам секцијата е одлична и генијалноста на бас линиите доаѓа до израз дури со слушањето со слушалки, нешто што поранешните генерации не го практикувале. 

Енергијата со која се отвора албумот е отсликување на состојбите во Југославија и Македонија на времето. Југославија беше држава во распаѓање. Војната започна само неколку месеци по објавувањето на овој албум. Стиховите се силни и со двосмисленоста поттикнуваат на размислување, а воедно звучат модерно.

Боже, овде гледам само робови!
Нови градови,
крвни садови
Боже, овде гледам само гробови
И мислиш, важно е што е вистина
Важно е само како изгледа
И јас сум нечие ладно оружје!

Песната „Гордост“ наликува на ЕКВ (или кој и да е генерички екс-Ју рок бенд) и треба да се гледа во контекст на наследството од Југословенската рок-музика. „Исус“ е невообичаена песна, динамична, со неправилен и често променлив ритам, во неа се гледа виртуозноста на музичарите. „Златно жолто“ се отвора со повторно одличниот бас и ја држи енергијата до крај, а солажите исполнети со дисхармонични, но моќни звуци на Драган Гиновски доаѓаат до полн израз,.

Превез“, „Молк“ и „Луна“ се светото тројство на овој албум кои треба да бидат позлатени во македонската рок-музичка историја. Стиховите параат како нож, гласот на Ристо Вртев го покажува својот дијапазон до максимум. Со измените во ритмот и интензитетот, песните се вистински музички пандан на едни Нирвана (иако дел од друга и поразлична музичка традиција) кои честопати го применуваа пристапот ладно-топло.

Во твојот свет без љубов
се ќе се престори во смрт
и се почесто тоа те радува

Понекогаш, понекогаш љубовта е
совршено циничен убиец, убиец!

Превез“ ги содржи сенките предвесници на „Милион долари“? „Молк“ е можеби една од најпрепознатливите мелодии во модерната македонска рок музика, а „Архангел“ е совршен крај на албумот, иако повеќе наликува на едни подобрени Мизар

Секогаш вон тебе,
секогаш вон мене
Ти не си логичен,
Архангеле

Возобновување на македонската сцена?

Со плејадата нови и млади бендови предводени со Хајка, се чини дека македонската музичка (условно кажана рок) сцена повторно живее. И не само тоа, таа живее како да се 1990-ти! Чекавме 30 години повторно да се случи тоа.

Интересно е дека најголемите фанови на Хајка (освен младата генерација) се тие кои се растени со со Архангел и целата таа рокенрол сцена на 1990-тите. Сега веќе тие се средовечни луѓе, а некои од нив токму Хајка ги исмеваат во своите песни.

Денес е друго време, во какофонијата звуци и дразби, невозможно е да постојат големи музички или филмски движења. Одредени стилски или тематски преокупации во индустријата (суперхерои, зомби апокалипса и слично), да! Но, невозможно е истото да прерасне во движење, како Гранџ или Независна филмска сцена во 1990-тите.

Архангел се можеби стари рокери, но засекогаш ќе имаат заслужено високо место во историјата на македонската рок музика.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.