Day Shift, само уште едно филмче на тема вампири?

„Прва смена“ (Day Shift, 2022) е акциона-комедија со тема за вампири. Се работи за деби-филм на актерот, кик-боксерот и каскадерот Џеј Џеј Пери (J. J. Perry) со Џејми Фокс, Дејв Франко, Наташа Лиу Бордицо, Меган Гуд, Карла Соуза, Стив Хауи, Скот Адкинс и Снуп Дог.

Вампирска комедија или лоша комедија?

Филмот „Прва смена“ не се обидува да направи нешто сериозно во однос на митологијата или приказната за вампирите. Се разбира филмот е наменски таков и не можеме да очекуваме нешто како култниот Preacher (2016) или „историската“ драма The Strain (2014) или супер-смешниот и оригинален What We Do in the Shadows (2019).

Се работи за една акциона комедија во која летаат глави како лубеници на пазар. Луѓето ги победуваат вампирите со толкава леснотија што не е ни смешно. На моменти се чини дека вампирите воопшто не се ни обидуваат!

Да не не разберете грешно, акционите сцени се забавни, кореографијата е одлична и се гледа дека режисерот има искуство во боречките вештини. Исто така продуцентите не штеделе на црвена боја, во филмот има повеќе крв отколку во Светиот грал на Монти Пајтон, а со тоа би бил горд и самиот цар на крвавите сцени Квентин Тарантино.

Визуелно гледано и од аспект на сценографија, костимографија, музиката и општата атмосфера филмот е одличен. Ако го гледаме како еден музички спот оценката е добра, надвор од тоа, филмот е лош.

Некои поинтересни ликови

Џејми Фокс (Bud Jablonski) е одличен во неговата типична улога на акционен херој. Овој пат тој е осамен платеник кој убива вампири за да му обезбеди финансиска стабилност и иднина на своето семејство. Се разбира не успева сосема во тоа.

Питер Стормар (Troy) глуми типична улога за него. Се чини дека сме го виделе во улога на подземен откупувач на роба премногу пати, но можеби токму затоа му лежи одлично. За жал вампирите стасуваат до него во потрага по Бад и неговата улога, повеќе како двигател на сценариото, отколку како актер, завршува тука.

Снуп Дог (“Big” John Elliot), е уште еден ловец на вампири, со стил кој му прилега само на познатиот рапер.

Стилот и темите

Во филмот има многу сцени со веќе преџвакан хумор на тема „полициски партнери“ („buddy cop film“) или сцени од полициската станица, со здодевниот шеф и уште поздодевната бирократија.

Бад е уште еден типичен лик, од предолгата низа ликови на „одметнат“ полицаец, кој се рециклира до слошување уште од времето на филмовите од серијалот „Умри машки“ (Die Hard) или „Смртоносно оружје“ (Lethal Weapon). За разлика од John McClane (Bruce Willis) или Martin Riggs (Mel Gibson), ликот на Бад е премногу едностран.

Но, да му дозволиме на овој убиец на вампири со добро срце да си го пронајде патот низ филмот кој се обидува да остави трага во филмската индустрија, но не успева.

Хуморот е на моменти добар, како во сцените со референци на други филмови за вампири.

You know what I see when I see a vamp? Big old dollar signs. ‘Cause all they are is murderers and liars… It’s not Eclipse. It’s not New Moon. It’s not Breaking Dawn Part One.
Why do you know the names to all the specific Twilight films? What’s your gripe with Breaking Dawn Part 2? It’s the exciting conclusion
of the whole Twilight Saga.
Wha… Have you seen Part 2?
Bella has her baby now. It’s insane.
She had the baby?
Oh, I wish I was you! To experience that the first time. You’re in for a treat.

Генерално филмот повеќе наликува на тип филмови „Зомби апокалипса“, отколку на добра вампирска акција. Вампирите се толку лесни за убивање, што тие дури не можат да убијат ниту еден канцелариски стаорец како Сет (Dave Franco). Тој е втората половина од „buddy-cop“ дуото.

Вампири танчари

Вампирите во фимската митологија се претставени како врвен предатор, машина за убивање која има брзина, сила и песјаци кои можат да го распарчат обичниот смртник за секунда.

Се чини дека вампирите во „Прва смена“ посетувале премногу часови по гимнастика и балет и повеќе сакаат да играат со своите жртви, отколку да им ја испијат крвта.

Единствено кога се достојни на нивната природа и успешни убијци е во борба со „енписи“ (NPC, non-player character) ликови во филмот, додека кога се борат со главните и „добри“ ликови, тие секогаш губат, без да им нанесат штета.

Се разбира, бета мажјакот Сет во одреден момент од филмот е каснат и се преобратува во вампир, но тоа е само во улога на комедијата и повторно како двигател на дејството. 

Тој не станува лош вампир, туку напротив со неговите нови способности може да му помогне на главниот лик и да не се моча во ѓаки од страв. Сепак, тоа е само благодарение на тоа што „вампирите не мочаат и не какаат“ – како што заклучува филмот на крај, со бонус шега дека „се полни срање“.

Што научивме од (за) филмот?

Хуморот во филмот е лош, сценариото е така-така, но тоа не е најлошо. Филмов не придонесува со ништо оригинално кон митологијата на вампирите, освен предавањето кое сувопарно и како на испит го држи Сет за различните видови вампири.

What do you know about different species of vampires?

I know there are five types. Southern, Eastern, Spider, Uber, and Juvenile. They are largely solitary, but when together, there is a hierarchy.

They organize by age. What else?

The sunlight is the only thing they’re scared of. They can’t reproduce, but they can turn people. Should I continue?

Се чини дека филмот има и политичка порака. Луѓето се вампири од различно потекло и средини. Тие се групираат со сличните на нив и ја цицаат крвта од чесните, работливи обични смртници. Тоа се потврдува и со епилогот во кој Снуп Дог излегува од канализацијата, неповреден по епска битка со вампирите и заклучува:

That’s what I love about LA. All the damn vampires.

Музиката во филмот

Саундтракот е ретка светла точка на филмов и содржи доста култни хип-хоп песни од 1990-тите и се прашуваме дали вклучувањето на Снуп Дог во проектот играло улога при изборот на песните. Проверете го саундтракот на Spotify!

Тој вклучува песни како California Love на 2Pac, Check Yo Self на Ice Cube, Guerilla Funk на Paris, Shimmy Shimmy Ya на Ol’ Dirty Bastard, Body Count’s in the House на Body Count и други култни хип-хоп песни.

Присутни се и помодерните хип-хоп песни како Grinding All My Life на Nipsey Hussle, а Снуп Дог си ја промовираше неговата Outside the Box.

Во неколку наврати се слушаат и фанк песни како Funky Music Sho Nuff Turns Me On на Edwin Starr, Walking in Rhythm на The Blackbyrds или некои невообичаени песни како I Don’t Give A Damn на црниот кантри музичар October London или песната која сакате да ја мразите Photograph на Nickelback.

Саундтракот вклучува и песна напишана од самиот Џејми Фокс, BUD (Mowing Down Vamps). Оваа песна е најслаба на целиот саундтрак и е сведожба за падот на музиката во последната деценија.

Композиторот на оригиналните авторски песни е Тајлер Бејтс кој е познат по неговата вклученост во саундтракот на Guardians of the Galaxy Vol 2., John Wick 3, Atomic Blonde и Deadpool 2.

Враќањето на „зомби апокалипсата“?

Се чини дека жанрот на „зомби апокалипса“ повторно се враќа на големите платна, откако изгуби на популарноста за време на пандемијата. 

Таквите филмови се чини беа на секој чекор, но откако настапи пандемијата и стравот од вистинската апокалипса, се намали интересот за нив.

Сега откако пандемијата стана дел од нормалноста, стравот од вирусот се намали и маските не се повеќе задолжителни, филмовите за зомбијата изгледа ќе се вратат на големо.

Останува да видиме. Би го оцениле филмот со 2, но сепак има одлична музика, сценографија, костимографија и добар е за глупава забава и пополнување на времето.

Оценка: 3/5

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.