„Џинџуџе во земјата на афионите“, обемна антологија на македонскиот краток расказ

Од новата Темплум книга „Џинџуџе во земјата на афионите“, обемната антологија на македонскиот краток расказ (застапени се 73 автор(к)и со 219 раскази), пренесуваме пет микро фикции. Книгата излегува во едицијата Магма која годинава одбележува 20 години. Повеќе за книгата подолу.

Џинџуџе во земјата на афионите (пет кратки раскази)

Бранко Прља

КАП! И ПАК.

Си била една капка, што имала страв од капнување.

Еден ден си кажала: ‒ Да не се капне треба, да не се биде капнувачки миг. Да се биде стоик, стабилен лик, а не само променлив облик! – Додека така си размислувала, од возбуда се напрегнала, па ненадејно се откачила и надолу тргнала. Вреснала и од под се расплеснала. Кога се свестила, веќе испарила и пак капка станала.

– Какво чудо! Какво патување лудо! Сакам пак! ‒ викнала, и кап!

Будимка Поповска

ЦЕДЕЊЕ

Тоа што излегува од мравката кога ќе ја згазиш. Нешто меѓу мравја киселина и мравешка крв. Тоа што излегува од портокалот. Сок што го растреперува телото на човекот додека секоја клетка во себе ја потпевнува „Ода на радоста“. Тоа што излегува од човекот кога ќе го стиснеш.

Душата низ нос му излегува. И ако останало некоја капка портокал.

Гето Руди

СРОДНОСТ

Се најдоа во кафуле. Случајно. Музиката ги спои многу брзо. Премногу сродни за да бидат заедно. Почнаа да се бакнуваат. Неговите суканици и нејзините суканици правеа компактност. Не им се одеше дома. Разговараа и пушеа џоинт. Го шетаа градот, сув и пуст како африканска пустина. Се смееја со часови. Ги фати зората. Потоа си отидоа дома.

Ермис Лафазановски

ЏИНЏУЏЕ

Дете џин и дете џуџе учествуваат во телевизиско шоу:

„Јас можам да допрам небо, да прескокнам река, да гледам преку камион, да дувнам посилно од ветер…“

„А јас да влезам во џеб, да се капам во лавор, да спијам во фиока, да се сокријам во куфер, да…“

„Одлично“, вели водителката, „а има ли нешто што не можете?“

„Не можеме еден без друг“, рекоа во еден глас.

Лилјана Дирјан

ЛАСТОВИЦИ

Во рано и свежо утро, додека горат шумите наоколу, од блискиот каменолом одекнуваат детонации што ги сечат жилите на мермерот сивец; ги отворам сите шест прозорци од изнајмената манастирска соба, за да ми влезе сета планина в соба, сосе пожарите и динамитот. Заедно со нив влетуваат и неколку ластовици; кружат наоколу и избезумено не знаат како да излезат надвор. Кружат со крилцата над масата и хартиите, небаре на моите тукушто напишани песни во клунчињата им ставаат капки од синото млеко на небото, за да можат потпораснати засекогаш во себе да ги содржат и небото и птичјата слобода.

Извор: Џинџуџе во земјата на афионите, антологија на македонскиот краток расказ; приредувачи: Никола Гелевски и Владимир Мартиновски; цртежи: Перо Георгиев; издавач: Темплум, едиција Магма

Од предговорот

Во антологијава се застапени 219 кратки раскази од 73 македонски автори. Поточно, 21 авторки и 52 автори од сите генерации родени во 20 век: најстариот е Иван Точко (роден 1914), а најмладиот Андреј Ал Асади (1996). Во тој еден век поместен е цел еден свет на мали фикции (или, во тој еден свет на мали фикции поместен е цел еден век ‒ оти историјата може да се гледа и преку книжевноста).

Критериум за место во книгава беше краткиот расказ да не е подолг од 600 зборови и авторот да има објавено барем една книга со раскази или песни или да има подолг стаж во објавувањето мали фикции. (…)

Микро фикциите, мошне популарни во 21 век, се развиваат, забрзано, и кај нас. Има сè повеќе книги исклучиво со куси-куси раскази. Во светот малите книжевни форми доживуваат подем во осумдесеттите години на 20 век, а во 21 се случува експлозија на жанрот, заради Интернетот, социјалните мрежи, општествените промени… Жанрот има свои моќни претходници од кои сигурно доаѓа дел од неговата сила: Езоп, Овидиј, Бодлер, По, Мопасан, Кафка, О. Хенри, Хармс…

Малите фикции, како и поезијата, произлегуваат од усната книжевност и од митот. Затоа и не се сосема нов феномен, но затоа се и прилично недофатливи за „прангите на теоријата“. Тие се поле на слободата, иако просторот во кој (секавично) се случуваат и сместуваат е тесен. (…)

Никола Гелевски

Извор: „Окно“.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *