Критика: Ghosts on Tape (2022) на Blood Red Shoes – ретро 90-ти музичка носталгија!

Дали би сакале да знаете како би звучеле денес бендовите од 1990-тите како NIN, Depeche Mode, Ministry, Garbage, Weezer, Sonic Youth и Kasabian измешано во едно? Тогаш преслушајте го новиот албум на Blood Red Shoes – Ghosts on Tape! „Духови на лента“ не е случаен назив.

Blood Red Shoes се англиско алтернативно рок дуо од Брајтон (како и бендовите The Kooks, Bat for Lashes, The Go! Team, Fink итн.), составено од Лора-Мери Картер (вокал/гитара) и Стивен Ансел (вокал/тапани). Тие имаат издадено шест албуми, Box of Secrets (2008), Fire Like This (2010), In Time to Voices (2012), Blood Red Shoes (2014), Get Tragic (2019) and Ghosts On Tape (2022).

Ghosts on Tape е концептуален албум кој, иако е исполнет со дисторзија и статика, сепак има доволно мелодичен и поп-призвук да ја придобие и општата публика. Blood Red Shoes не се млад бенд, но секако се актуелни и по две децении на сцената.

Comply

Првата песна од албумот неодоливо потсеќа на песната Something I Can Never Have на Nine Inch Nails (NIN) од истоимениот албум (иако од 1989-та, албумот според звукот припаѓа на 1990-тите).

Испрекинатата, нечиста снимка, статика која крцка, и потоа тишина… пијано кое делува меланхолично, хипнотичко и осамено, тапаните кои грмат како судбински чекори, нешто неизбежно, Something I Can Never Have! И музичкото видео е одлично, прв дел од кус филм на Крег Мареј.

“you’re not keeping me safe
you’re keeping control
it’s quiet it’s cold and you won’t let me go outside
taking shape
to dominate
built me up tall to shrink me smaller than ever”

И одговорот како рефрен: “i will not comply!”

Електронски крик кој се влечка на музичката позадина како неминовна сенка.

Morbid Fascination

Полесна, речиси поп-песна, со некој вид на Depeche Mode призвук. Ништо особено, но можеби е само засенета од претходната песна.

Murder Me

По малку наликува на Royal Blood, што е модерно влијание, со одлична мелодија која има речиси ориентален зачин, ехо на гласот. Оваа песна одлично се вклопува во темата на албумот.

“I know what you want, I know what you fear
I know where you’ve been, and I know why you’re here
I know what you want, I know what you fear
I’ve been watching you
You murder me”

Give Up

Песна која ги враќа гитарите, ритмовите и пеењето кое наликува на бендот Ministy, поточно речиси може да биде песна на Ministry од 1990-тите (N.W.O од албумот Psalm 69), но на многу припитомен, „2020-тите“ начин. Пост-панк њувејв (Post-punk new wave) песна.

Sucker

Future retro synth призвук,и одговара на неонскиот омот на албумот, а стилот наликува на бендот Garbage.

Begging

Лесно би можела да биде поп-верзија на песна на Sonic Youth под влијание на Лу Рид или Velvet Underground. Повторливиот едноставен ритам придружен со речиси преедноставното гитарско „дрндање“ е совршена подлога за силните вокали.

I Am Not You

Повторно дисторзирано пеење и гитари кои наликуваат на 1990-тите, всушност оваа песна би можела да биде и од Weezer! Силни тапани, дисторзирани гитарски рифови, што повеќе очекувате?! ВХС ефектите врз видеото само ја надополнуваат атмосферата на оваа гаражна поп-панк (garage pop-punk) песна.

Dig A Hole

Да не бидеме буквалисти, Dig A Hole не е верзија на Head Like a Hole на NIN, но дисторзијата продолжува, а гласот се издигнува над бучавата во една мелодична песна која заслужува внимание и посебно место на овој ретро-футуристички албум. Дури и сентименталниот призвук кој ја смирува песната добро се вклопува во неа.

I Lose Whatever I Own/ Four Two Seven

I Lose Whatever I Own наликува по малку на Kasabian со што веќе навлегуваме во 2000-тите, додека призвукот на Four Two Seven не навраќа на 1980-тите, има хипнотичка мелодија, одличен рефрен, и е совршена завршница на овој албум, кој освен овие песни има и неколку интересни музички минуетки/интермеца.

Преслушајте го, нема да зажалите!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.