r/place на Редит (Reddit) е виртуелно место каде речиси 3 милиони луѓе (со околу пола милион активни во секој момент) учествуваат во правењето на еден интернет „графит“.
Луѓето онлајн (претежно младите) се по природа склони кон соработка и несебично посветување на сопственото време за изработка на нешто заедничко.
Можете да го наречете и друштвен експеримент. Секој логиран корисник може да црта на платното (canvas), но под еден услов – 1 пиксел на 5 минути!
Тоа звучи како невозможна мисија, но со организирање во заедници и одредување конкретни задачи за само 48 часа се случи ова:
Првиот ваков експеримент на Редит се случил пред 5 години, со 16 милиони пиксели, а денешниот започна на 1 април 2022 година и од тогаш платното (canvas) е двојно зголемено. Ако се приклучите на оваа адреса можете и вие дадете придонес.
Таму можете да го видите платното како постојано се менува, и на координатите (1163,522) 0.7x се гледа и Македонското знаме. Поточно ако биде таму кога ќе го читате овој текст!
Платното постојано се менува и трансформира и македонското знаме се јавува на една, па е пребоено, за потоа да се јави на друга локација. Но, муабетот воопшто не е за знамињата (кои секако доминираат на ова платно), туку за заедничката работа која ја вложуваат бројните посетители на овој подредит (subreddit).
Секој учесник може да додаде само 1 пиксел на секои 5 минути, но со организирање на членовите од одредена заедница и со договор кога и на што да се работи може да се постигне многу.
На пр. македонската заедница на Редит е мала и има околу 15.000 членови, но со нивните напори и помош од поголемата бразилска заедница е направено Македонското знаме. Затоа постои срцето од нашиот дел кон бразилскиот.

Македонската заедница на Редит го објави овој повик за учество во r/place.
Секој дел од ова огромно виртуелно платно раскажува некоја приказна, но приказната која е најбитна е таа за упорноста, желбата да се работи заедно, да се создаде нешто уникатно, креативно и да се остави сопствен (но и колективен) печат во еден момент во времето.
Постојаната променливост на платното не потсетува на тибетанските мандали кои свештениците будисти внимателно, со часови и денови ги прават од песок во боја, за на крај да ги уништат со еден потег на метлата, со што укажуваат на минливоста и непостојаноста на се. Така и ова место на Редит е привремено, но додека трае е волшебно!
Еве некои поинтересни моменти од ова големо и семенувачко виртуелно платно.






