Спајдермен е копија на Супермен!

Не е тајна дека Марвел имаат ископирано многу ликови од Диси (DC). Така барем велат теоретичарите на заговор на интернет. Но, дури и тоа да е вистина, најчесто се работи за ликови кои не се мејнстрим – но што ако ви кажеме дека филмот Спајдермен (2002), кој го дефинираше едниот од најпознатите суперхерои на Марвел е копија на филмот Супермен (1978)!

Можеме исто така да кажеме дека Капетан Америка е копија на Супермен, а Зелената стрела (Green Arrow) е копија на Бетмен, или дури и дека Аквамен е копија на Намор (Namor the Sub-Mariner), но целта на овој текст е да направи подлабока анализа од површните сличности. Нема да зборуваме за истите бои на Супермен и Спајдермен, бидејќи бело-црвено-сината е е генеричка комбинација на бои за еден американски суперхерој. Нема да зборуваме ниту за фактот дека родителите на двајцата ликови (Питер Паркер и Кларк Кент) се мртви бидејќи тоа е вообичаена „грчка трагедија“, како основа за приказната за оформувањето на секој добар суперхерој.

Ајде да се нурнеме во прекрасниот свет на сличности помеѓу Кларк Кент и Питер Паркер.

1) Стереотип за неспретен бубалица

Кларк Кент и Питер Паркер се неспретни „гикови“. Кларк Кент носи наочари и пишува на машина за чукање побрзо од најбрзиот пиштолџија на дивиот запад. Питер Паркер е бистар ученик кој го малтретираат. И двајцата се пасивни, интровертни, несигурни, неспретни и не им се допаѓаат на девојките или на главниот женски лик. Нивното алтер-его е воедно привлечно за истите тие женски ликови. Освен тоа, и двајцата се аутсајдери, живеат изолиран живот (Fortress of Solitude ви се молам!), стапувајќи во контакт со нивните сограѓани само преку нивните акциони авантури во урбаната ноќ.

Кларк Кент е таков за да го скрие својот вистински идентитет, оној на Супермен. Тој дејствува пасивно, интровертен е, неговите манири и гласот се несигурни, дури и неговото држење на телото е малку подвиткано.

Питер Паркер е исто така тивок, интровертен по природа, срамежлив и се плаши од конфронтации. Како таков, тој е совршена мета за насилниците од средното училиште, и не е за изненадување кога станува жртва на Флеш Томпсон. Тој е отфрлен аутсајдер.

Сè се менува кога тој ќе ги добие своите моќи. Една од првите работи за кои ги користи е да им врати на насилниците и да ги исполни сопствените себични желби и потреби. Но, дали тој навистина се менува? Дури и откако ја презема личноста на Спајдермен, тој е сè уште бубалица и неспретен, но се чини дека има добри намери. Но, дали е така навистина? Неговата саркастична смисла за хумор го става тоа под знак прашање.

2) Работат за весници

Кларк Кент и Питер Паркер работат за весници. Кларк Кент е новинар за Daily Planet, а Питер Паркер е фриленс фотограф за Daily Bugle. Освен тоа, нивните газди се силеџии кои не го ценат алтер-егото на нашите скриени херои.

Главниот уредник на Питер, Џона Џејмсон, е циничен, иритирачки и дрзок. Згора на тоа, тој го презира Спајдермен и постојано бара клеветнички информации против него да ги испечати во неговиот весник.

Има уште една интересна споредба во однос на универзумот на Спајдермен и Супермен. Се сеќавате на Џими? Џими Олсен е спореден лик во Супермен, фотограф во Дејли Планет, кој е пријател со Супермен. Тој дури е опишан како „другар на Супермен“, исто како што Питер Паркер е поврзан со Спајдермен.

Џими бил замислен да им даде на младите машки читатели лик со кој можат да се идентификуваат и да фантазираат дека би можеле и тие да бидат пријатели со Супермен. Се чини дека овој концепт е многу близок на ликот на Питер Паркер – друштвено неспособен тинејџер (кој не е!?) кој станува херој.

3) Решавање на некои ситни злосторства и спасување на мачки!

И Супермен и Спајдермен ги користат своите моќи за да решат некои ситни злосторства, неважни нешта и да спасат мачка заглавена на дрвото! Со голема моќ доаѓа неважна одговорност!

4) Девојката е занесена од суперхеројот!

Главните женски ликови во двата филма се привлечени од суперхероите, а не од нивните алтер-ега. Мери Џејн го „сака“ Питер Паркер повеќе од сожалување, и сака да му биде само пријателка, исто како и Лоис Лејн. И двајцата наши херои се заљубени во женските главни ликови, но се плашат да се откријат бидејќи можат да ги загрозат нивните љубовни интереси.

5) Родителите им умираат, ги згрижува друго семејство

И Кларк Кент и Питер Паркер се без родители. Посвоените родители на Кларк Кент се Ма и Па Кент. Па умира, како и вујкото на Спајдермен што доведува до голема промена во приказната. Супермен одлучува да го напушти Смолвил и да биде херој во големиот град Метрополис, Спајдермен решава да стане достоен суперхерој и да ги почитува зборовите на својот вујко: „Со голема моќ доаѓа и голема одговорност“.

6) Генијалци-богаташи-негативци

Лекс Лутор е стар „пријател“ на Супермен, се појавил прв пат во 1940 година во Action Comics #23. Оттогаш тој е или луд научник или богат бизнисмен. Истото може да се каже и за негативецот на Спајдермен, Грин Гоблин (Норман Озборн, индустриски шеф на Oscorp), богат бизнисмен и навистина луд!

7) Кинење на кошулата!

Кинењето на кошулата е дел од иконографијата на Супермен, но се чини дека и Спајдермен е љубител на оваа активност.


Тоа се некои од сличностите во развојот на ликовите, нивните манеризми и визуелни елементи во првите филмови за Супермен и Спајдермен. Дали првиот влијаел на вториот, во денешното изобилство на приказни за суперхерои, веројатно никогаш нема да дознаеме, но секако е забавно да се размислува за тоа.

Можеби има сличности и помеѓу другите ликови на Диси (DC) и Марвел, па дури би можеле да кажеме дека речиси секој суперхерој има некаков „проблем со таткото“ (“daddy issue” подобро звучи:) и тоа сигурно Бетмен, Тор, Спајдермен, Орион, Сребрениот Сурфер итн.

За сега ги оставаме Супермен и Спајдермен да редат нови успеси на филмското платно, и се надеваме помалку римејкови и повеќе оригинални идеи.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *