„Гатака“ е причина да ги баталите новите и да гледате постарите СФ филмови!

Кога зборуваме за постарите СФ филмови секако би требало да се почне со 2001: Вселенска одисеја (1968), која покрај целиот денешен технолошки напредок и CGI ефекти, милионски буџети и огромни екипи составени од уметници и научници, и ден-денес се смета за најнаучно точен СФ филм на сите времиња.

Се разбира би можеле да почнеме и од филмот Метрополис (1927), но наместо тоа ќе зборуваме за улогата на кинематографијата, добрата приказна, атмосферата и музиката, за правењето добри филмови, преку примерот на Гатака (1997).

3rd-strike.com | Gattaca (1997) (4K UHD) – Movie Review

Гатака не е типичен СФ филм, не е визионерски, нема некоја особено научна вредност, напротив тој го користи ретро-футуристичкиот пристап со автомобили и стил на облекување како извадени од 1960-тите години во Америка. Дури и самата структура на приказната, темпото на филмот, дијалозите, криминалистичката истрага на убиство, улогата на детективите – се укажува на сличности со филм-ноар, повеќе отколку на СФ филм.

Но, Гатака е воедно добар СФ филм бидејќи ги истражува моралните и филозофските идеи на едно замислено (идно?) општество кое е изградено врз принципите на науката. И тука науката го зазема местото на религијата – на неа се верува апсолутно и без сомнеж.

Главниот лик е осуден да биде неуспешен во животот, неговите соништа да стане аустронаут се осудени на пропаст. Со зборовите на неговиот татко, единствената внатрешност на вселенско летало која би можел да ја види е таа која ќе ја чисти. Генетски неадекватните се осудени да бидат чистачи, да работат физички работи кои не подразбираат особени интелектуални или физички предиспозиции.

Но тој, како и секој добар херој, без страв и без да мисли на последиците, го измамува системот и успева да го победи. Темпото на филмот е како брановите во кои се одвива трката на животот на човекот против природата, трка во која човекот неминовно губи, независно од тоа колку е силен или слаб, но најбитното е да плива додека може, со целата сила и да не се откаже, без помисла за враќање назад.

Сепија кинематографијата со возвишената музика и темпото на филмот совршено се надополнуваат. Темпото е бавно, но никогаш здодевно, напротив секој тон, секој фрејм е совршен дел од една симфонија која плови низ временско-просторниот континуум како брод на судбината – тоа што мора да биде ќе биде. Но, не заради некоја генетска преодреденост, туку заради нешто поголемо од природата, човековата несопирлива волја.

Филм кој не учи да се присетиме на уметноста и филозофијата, во едно време на површни вредности.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.