Продај ја плевната на дедо ти во планина за 45.000 евра!

Во модерниот и цивилизиран свет се помасовно станува движењето за преселба од град во село. Такво нешто кај нас е незамисливо. Скопје е „град-држава“ без правила, секој прави што сака, шампиони сме во грди градби, непланско градење, го уништивме и она малку што остана од „градот“ Скопје. Но, ајде, барем селата ќе ни останат, нели? Ни таму состојбата не е подобра, селата не се одржуваат, не се вложува ништо, а тие полека стануваат депонии за малкуте кои се останати.

Во следното видео ќе видите како се прави тоа во земја која се грижи и го почитува своето наследство. Што велите за куќа на италијанските Алпи? Тоа е само по себе поим за восхит! Гледате како веќе ве „купивме“. Што ако ви кажеме дека на италијанските Алпи се продаваат плевни изградени од камен и земја, како тие на вашите дедовци, за 30, 40, па и 70.000 евра?!

Во следното видео е прикажана авантурата на еден „западњак“ на планините во Италија во потрага по совршенa викендичка надвор од цивилизацијата.

Авантуристот вели: „Дебели камени ѕидови, суви и голи. Во основа се работи за четири ѕида и покрив што протекува. Нема водовод, нема струја, нема тоалети или што и да е, многу базично. Значи, има многу работа, но затоа го купив ова. Не сакав да купам куќа за едноставно да живеам таму, сакав проект!“

Токму тоа е вредноста за овие авантуристи, да се осамат во планина и да прават нешто. Тој надополнува: „Се заљубив во овие историски градби кои се прекрасно изградени, ѕидовите се суви камени ѕидови, така што сите камења се уредно наредени еден врз друг…“

Што ги прави овие градби „историски“? Само тоа дека се стари! Дали ви се познати ваквите градби? Тие може да се најдат во речиси секое македонско село. Што велите за крушевските села во кои македонските комити се бореле со турскиот аскер за слобода и ја создале првата република на Балканот? Тоа сигурно вреди нешто?

Tobacco
Куќа во с. Горно Дивјаци, Крушевско

Одговорот е не! Нашите села не вредат ништо, зашто немаме светска и историска поддршка, ниту си го цениме она што нашите предци го направиле. Скопје е монструм, а на селата историските дрвени врати и прозорци се заменуваат со ПВЦ – фантастично!

Нашиот авантурист открива како се прави тоа во Италија.

„Ако сакаш да менуваш нешто треба да добиеш дозвола од општината, но и од регионот. Геометарот ми рече, многу е тешко ако сакаш поголеми прозорци, ќе биде тешко да добиеш дозвола. Не можеш да менуваш врати, не можеш да менуваш прозорци, затоа што тогаш ти треба градежна дозвола, а потоа влегуваш во сосема нов свет на правила“.

Се почитува наследството, се чува историјата, се вложува во целата држава, со децении и векови и потоа се живее добро и се наплаќа скапо. Е па ајде, сограѓани (и соселани), да работиме заедно на промоција на нашите села, па може и ќе имаме некој ќар за 100 години!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.