Кеса без рачка е кеса без врска! Како глупоста (секогаш) победува над екологијата и здравиот разум во Македонија

Мислевме дека војната со пластичните кеси е добиена кога годинава стапи во сила законот за забрана на пластични кеси и заедно со нашите истомисленици славевме победа! Но, се излажавме.

Во супермаркетите веќе (одамна) на големо се користат пластични кеси со исечени рачки. По (социјалните) медиуми се реагираше за истото, се исмеваше глупоста, но реакциите стивнаа а глупоста остана.

Се разбира работите не се толку едноставни и се работи за дупка во законот за пластични кеси која се користела и во други држави, но тоа не смее да се дозволи.

Што понатаму? Време е да се потсетиме дека ако сме направиле еден чекор напред, дека не треба да се задоволиме со тоа што следува, а тоа е – два чекори наназад! Здравјето, екологијата, воздухот кој го дишеме, храната и водата кои ги јадеме и пиеме не се игра – ни здодеа македонското оро! Сакаме да одиме само напред, да ги решаваме проблемите еден по еден и не сакаме да се враќаме назад.

Ако имате способности и можности, можете да си покренете и своја кампања против кесите без рачка. Еве неколку наши предлози за таква кампања:

  • Кеса без рачка, како петел без квачка!
  • Немој да ме моташ со кеса без рачка!
  • Кеса без рачка е кеса без врска!

Ако не, приклучете се на групата „Кеса не, благодарам. Торба си носам!“ отворена во 2019 година каде сме зборувале на темата пластични кеси многу пати. Таму предложивме измени во законот, зборувавме за алтернативите, дискутиравме за штетноста на пластиката итн.

Неколку факти за пластичните кеси кои ќе ве убедат дека со рачки или без, тие не се добри!

  • Пластиката која вообичаено се користи за шишиња, кеси и пластични садови содржи хемиски адитиви кои го пореметуваат ендокриниот систем и предизвикуваат негативни здравствени ефекти, како вродени дефекти и авто-имуни болести.
  • Потребни се 1.000 години за да се распадне пластична кеса на една депонија. За жал, кесите не се распаѓаат целосно, туку се фотодеградираат, станувајќи микропластика која апсорбира токсини и продолжува да ја загадува животната средина.
  • Хемискиот исцедок од пластичните кеси го нарушува растот на најважните микроорганизми во светот, Prochlorococcus, морска бактерија која обезбедува една десетина од кислородот во светот.

Се надеваме дека ова лудило ќе заврши побрзо, а за тие кои не можат да живеат без кесите дека во Македонија во продажба ќе се најдат вистински биоразградливи кеси (не како сегашните оксоразградливи кои се уште поштетни за околината).

Кеса според стандардот: CEN EN 13432: 2002 се распаѓа и е воедно компостабилна, не е штетна за почвата и околината, не содржи штетни хемикалии, тешки метали итн.

Приклучете се во „Кеса не, благодарам. Торба си носам!“, останете информирани и не предавајте се, борбата не е готова!


2 thoughts on “Кеса без рачка е кеса без врска! Како глупоста (секогаш) победува над екологијата и здравиот разум во Македонија

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.