За серијата „Туристот“ (2022)

Првата серија во 2022 година (започнува како филмот Duel (прв филм на Спилберг од 1971 година) со сцена во која камион брка автомобил, а продолжува како Breaking Bad или PG-13 верзија на The Preacher. Туристот е човек кој се буди по сообраќајката и не се сеќава кој е.

Навидум веќе стотици пати видена приказна, особено по второкласните филмови (b-movies). Но, по првите сцени набрзо сте навлечени во модерната крими-вестерн атмосфера, сепија колоритот презаситен со постојаната прашина, одличната кинематографија и тешкиот блуз саундтрак.

Не знаеме кој е туристот, но јасно ни е дека е замешан во некои нелегални работи. По него трагаат мрачни ликови, убијци без чувства, ладнокрвни бизнисмени, а му помагаат неочекувани и наивни херои кои внесуваат доза хумор.

Дали човекот може да се промени, или како што вели главниот лик: „Јас сум лош човек, затоа ме бркаат убијци.“ „Што и да си направил во минатото не е битно,“ одговара наивната полицајка“. „Тоа сум – што сум!“ дополнува тој. Иако не се сеќава кој е, почнува да претчувствува дека лошото е дел од него.

Малото гратче во Австралија не знае што го чека откако ќе биде внесено во виорот на насилство и непредвидливи случки. Кога не би го слушнале австралискиот акцент би помислиле дека се случува на американскиот див запад во модерно време. Достојна серија за гледање, возбудлив и непредвидлив трилер, препорачуваме.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *