Агент Смит од Матрикс, агент или костумосан бизнисмен кој го измами системот!?

Агентот Смит е лик кој оставил огромен печат врз феноменот наречен „Матрикс“ подеднакво колку Нео, Мерфеус или Тринити. Тој е симбол на контролата, таен агент во костум, или ако сакате наречете го безличен „бизнисмен“ во костум, оној што демне и чека во секој од нас.

Но, неговата алчност и желба за моќ станува „баг“ во системот кој го создал за своја заштита. Агентот Смит, како типичен расипан бизнисмен, не сака да му служи на системот, туку наоѓа начини како да го измами истиот. Во реалниот свет тоа се прави со скриени сметки во странство, валкани бизниси, неплаќање даноци, перење пари преку фирми, земање нелегални проценти од зделки, увезување штетен и токсичен отпад итн.

Филмот Матрикс денес е повторно актуелен поради неговото 4-то продолжение. Оние кои го гледале првиот филм во својата младост не можат да го оспорат неговото значење за нив лично, како и за филмската уметност и индустрија. Од сите ликови особено се истакнува ликот на Агентот Смит.

Инспирацијата за гласот на Агентот Смит одличниот австралиски (родум британски) актер Хјуго Вејвинг (Hugo Weaving) ја барал од повеќе извори. Во документарецот The Matrix Revisited Хјуго вели дека сакал да има „хеутрален акцент“ кој „не би бил роботски, но и не сосема човечки“, нешто како репортерите од 1950-тите во САД. Во истиот документаред Лауренс Фишбрн (Laurence Fishburne, Morpheus) потврдува дека гласот го потсетува на познатиот репортер Волтер Кронкајт (Walter Cronkite).

Сепак, во други интервјуа Хјуго потврдил дека најголемата инспирација му била од капетанот Херкул Платини (Captain Hercule Platini) од британската серијата Црвено џуџе (Red Dwarf), конкретно според првата епизода од 5-тата сезона, наречена Holoship.

Интернетот, како чудесно место, се разбира има свои теории. Едната е дека гласот е инспириран од иконичкиот Хал 9000 од култниот филм Одисеја 2001 (2001: A Space Odyssey) за кој, дури и 50-тина години по филмот велат дека е научно најверодостоен научно-фантастичен филм на сите времиња (а мајсторството на режисерот Стенли Кјубрик достигнало такви култни размери што теоретичарите на заговор сметаат дека го режирал дури и слетувањето на месечината од 1969 година!)

Други наоѓаат голема сличност помеѓу гласот на Агент Смит и на најпознатиот популаризатор на науката Карл Саган (се разбира по неговиот наследник Нил Деграс Тајсон) и навистина звучат слично! Па, просудете сами:

Во 4-от филм митологијата на Агентот Смит се продлабочува и станува уште покомплексна, со што тој не е веќе само обично бизнисменче кое сака да го измами системот за свои себични потреби. Да се надеваме дека тоа ќе послужи како инспирација за нашите бизнисменчиња да пренасочат дел од своите способности за правење пари во правење општествено добро! Може да сонуваме, нели!?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.