Белфаст на филм, денес и пред 30 години, или зошто денешните филмови се тапа!

„Белфаст“ (2021) е филм кој освоил и бил номиниран за бројни награди, но според нас филмот е навистина здодевен! Изгледа како да е снимен во студио кое прилично неуверливо го симулира Белфаст од 1969 година, премногу чисто и стерилно. 

Не е правилно искористена дури ни црно-белата кинематографија, без никакво играње со сенките како во филм-ноар филмовите, кадрите се преосветлени и дводимензионални, како и карактерите. Се издвојуваат само неколку силни пејзажни сцени од почетокот на филмот кои делуваат повеќе како разгледници, но тие не се доволни да го спасат овој филм

Музиката е очајна и пречи на дејството, режисерот е толку заљубен во Ван Морисон што го користи на секој пет минути прекинувајќи го филмското дејствие како некој здодевен тинејџер кој преслушува една песна по цел ден. Јасно е дека музиката е претставена како контрапункт на тешката реалност на едно протестантско семејство во католичкиот крај на Белфаст, но и тоа не е направено доволно убедливо.

Ликовите се толку очигледни што не е смешно, предвидливи до бесвест! А да не зборуваме за слаткастиот америказнизиран крај кој не остава загрижени за иднината на европската кинематографија.

Единствен лик кој остава впечаток е ликот на мајката која има неколку силни монолози, но освен тоа дури ни ликот на дедото кој треба да внесе живописност во ликовите не успева да го направи тоа со неговите мудрости од типот:

„London is only one small step for a man“, по искажаната желба на синот да избега од Белфаст со семејството во Лондон, очигледно алудирајќи на слетувањето на Месечината кое се споменува неколку пати во филмот. Дедото е полн симпатични забелешки за животот и мудрости за тоа како да го измамиш системот. И потоа, умира!

А сега нешто сосема поинакво!

Ако сакате да видите вистински филм за модерната историја на Северна Ирска, гледајте го „Во името на таткото“ (In The Name Of The Father, 1993), вистински контрапункт на филмот „Белфаст“. Во него гледаме сцена во која младиот Ирец кој бега од Белфаст заради проблемите со ИРА (Ирска Револуционерна Организација) и се качува на брод за Лондон. Татко му вели: „Remember, honest money goes further.”, додека синот, кој ја раскажува приказната за слушателот вели: “Honest money goes further. А bird in the hand is worth two in the bush. Never look a gift horse in the mouth… He’d a cliche for every occasion.“

Потоа синот се качува на бродот без да се поздрави со таткото и застанува, како да се двоуми, му довикнува поздрав на таткото, кој е веќе одамна заминат. Животот е таков, без слаткасти ветувања, или грандиозни изјави. Никогаш ништо не иде како што сакаш. Тоа е европски филм!

Дури и кога таткото и синот се слушаат по телефон никој не го кажува тоа што го мисли, разговорот е краток, непријатен, а по него таткото се извинува на шефот затоа што син му се јавил од Лондон! Без мудрости и значајни пораки, без значење во свет кој допрва ќе се сруши.

Само во првите пет минути од филмот „Во името на таткото“ се случуваат повеќе работи и дознавате повеќе за историјата и случувањата во Ирска отколку во целиот филм „Белфаст“. Обидете се, нема да зажалите, ако ништо друго, ќе дознаете зошто Северна Ирска беше „лош трип“!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.