Кои се најотпорните суштества на планетата Земја?

Одговорот е „Водените мечиња“! Нивното латинско име е Tardigrada (во слободен превод „тивкоходки“) и тие се вид микроскопски животинчиња (0.5-1mm) кои се распространети низ целата земјина биосфера, од планинските врвови, до длабоките океани, преку вулканите до Антарктикот. Да, добро прочитавте, „вулканите“!

„Грижливите мечиња“ (лево) и водените мечиња (десно) на кои ич не им е гајле!

„Водените мечиња“ (наречени така од германскиот биолог Јохан Август Ефрем Геце кој ги открил) можат да издржат екстремни услови: екстремно висока или ниска температура која не може да ја издржи ни митскиот „леден човек“ Вим Хоф, огромни притисоци од кои главата на секое друго живо суштество би се претворила во пудинг, како и состојби на вакуум, дехидратација, недостиг на храна и радијација!

Овие практично неуништливи суштества (не за џабе се „мечиња“, мора да имаат нешто руско во нив), во последните експерименти со „квантната испреплетеност“ (Quantum entanglement) биле изложени на температура блиска до апсолутна нула, т.е. −273.14 °C за да постигнат т.н. квантна состојба.

Експериментот успешен, пациентот преживеал!

Сепак, според некои истражувачи овие организми не билe навистина поврзани во квантна состојба, но навистина биле изладена на температура за 0.01 °C повисока од апсолутната нула.

Со тоа тие се не само први суштества кои преживеале испукување од пушка (без кацига) со 320 км/час, вриење во „леле мори мајко“ жешка вода и изложување на смртоносни дози УВ светлина, а можеби се случајно и однесени на површината на Месечината, туку и први повеќеклеточни организми кои биле во квантна состојба… и преживеале да раскажуваат за тоа!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *