Неколку интересни американски (не)блокбастер филмови кои нѐ очекуваат во 2022 година

CLEAN

Едријан Броди (Adrien Brody) направи големи исчекори од неговата улога во филмот Пијанист (The Pianist, верувале или не, снимен пред 20 години!) со кој ја започна холивудската кариера. Во последниот филм наречен „Чист“, според името на главниот лик, тој е ѓубреџија дење, убиец со добро срце ноќе. Се чини дека се работи само за уште една верзија на Џок Вик (John Wick), човек кој на типично американски фолклорен начин ја презема правдината во своите раце и прави масакр од лошите криминалци. Колку и да изгледа добро (од филмски аспект, не од морален), за некој од неамериканска средина, целта не ги оправдува средствата. Правото на оружје (а во филмов има сѐ, од ножеви до секирчиња, пиштоли, до омилениот американски „реднек-шатган“) повторно се истакнува како фундаментално американско право.


DOG

Се чини дека во американската кинематографија има повеќе филмови за кучиња, поточно во поджанрот на “buddy cop” полициски кучиња, отколку што во нашата има филмови. Како поистакнати претставници на жанрот се серијата K-9 филмови со Џим Белуши од 1990-тите, или Тарнер и Хуч со двојниот оскаровец Том Хенкс.

Во филмот едноставно наречен „Куче“ кинематографијата е пореалистична, во динамичен и сиров стил кој е присутен во филмовите од 2010-тите наваму. Хуморот е во функцијата на дејството, а сериозниот четириесет-годишен глумец со лице на американски средношколски „џок“ Ченинг Тејтум (Channing Tatum) дава убедлив приказ во еден модерен жанровски филм за куче со пост-трауматски синдром.


ТHE LOST CITY

Уште еден римејк, овој пат на филмот Зелен камен (Romancing the Stone) од далечната 1984, возбудлива авантура со Кејтлин Танер која во тоа време уште беше „филм-ноар фем-фатал“ лик, наместо заради драматичните промени во изгледот да глуми машки улоги како во серијата Френдс (Friends) и Мајкл Даглас како клон на Индијана Џонс. Новиот филм (иако не признава дека се работи за „рибут“, а ако не е тоа, тогаш е копија) е мешавина од модерни кинематографски техники, користење на компјутерски ефекти и „слаткаст“ хумор („чизи“ како што би рекле американците). Ако не ви е доволно тоа што во него глумат 57-годишните Бред Пит и Сандра Булок, како реклама за ефикасноста на хуливудската пластична хирургија, тогаш вреди да се погледне само во ретроспектива и како причина за гледање на „Зелен камен“.


THE UNBEARABLE WEIGHT OF MASSIVE TALENT

Но, листава не би била целосна без Неподносливата тежина на огромниот талент (The Unbearable Weight of Massive Talent) наречен „Николас Кејџ“. Се разбира, кога сте внук на Френсис Форд Копола и сѐ е можно! Филмот се обидува да биде длабок, па можеби ќе помислите дека се работи за акциона верзија на „Неподнослива леснотија на живеењето“ од чешкиот писател Милан Кундера, но не е тоа. Филмот ја користи техниката на мета-раскажување и се чини како копија на поинтересните Вечниот Сјај на Беспрекорниот Ум (Eternal Sunshine of the Spotless Mind) или Да се биде Џон Малкович (Being John Malkovich).


Сепак, 1999 година е далеку и денес можеме само да сонуваме за филмовите како „Боречки клуб“, „Американска убавина“, „Магнолија“, „Очи ширум затворени“, „Канцелариски простор“ или „Проектот за вештерката од Блер“ (Fight Club, American Beauty, Magnolia, Eyes Wide Shut, Office Space, The Blair Witch Project). Но еј, барем К-15 направија нешто безвремено во нашата „филмска“ историја, нивните скечеви сѐ уште се актуелни за нашата средина и по 30 години!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *