Нова книгичка на Нина Прља -„Пекол“но добро дело на Данте!

Нова бесплатна книгичка од едицијата „Фактопедија“ – „Пекол“но добро дело на Данте! содржи факти за авторот и неговото дело „Пеколот“ (од „Божествената комедија“) по повод 700-годишнината од смртта на Данте.

Книгичката произлезе од училишна задача на Нина Прља (ученик во гимназијата „Јосип Броз – Тито“) за делото „Пеколот“, а беше спроведена под менторство на професорката по македонски јазик и литература Татијана Стојанова Дуева.

Книгата можете да ја симнете од овој линк, да ја разгледате тука или да ја најдете во печатено издание во книжарниците Антолог и Или-Или, во близина на гимназијата Јосип Броз – Тито.


Издавачот Капка во соработка со порталот Арно.мк во предговорот вели:

„Данте. Пекол. Страв и ужас кој ги опседнувал умовите на (не)религиозните луѓе од 1321 до 2021 година,
од Ренесансата до „Страдањата на младиот Вертер“ на Гете, до обичниот човек кој ја знае изреката „Напушти ја надежта ти кој влегуваш тука“ – 700 години по смртта на авторот „Пеколот“ сè уште е актуелен!

Ретко кои други 14.233 стихови имале толку силно влијание на човештвото, со повеќе од 900 ликови и повеќе свештени лица сместени во пеколот отколку што знаеме да ги наброиме. Данте е автор кој инспирирал филмови како „Пиратите од Карибите“ и видео-игри како „Светот на војување“ (World of Warcraft) и „Пеколот
на Данте“ (Dante’s Inferno)!

Данте е кул лик, а последниот круг на пеколот е навистина ладен!“


За авторот и менторот

Нина Прља е родена во 2005 година во Скопје. Се занимава со илустрирање и пишување. Нејзините први цртежи и раскази се објавени во книгата „Обоени приказни“ (Готен, 2013). Таа се јавува како коавтор или илустратор на неколку други книгички „Азбука на игранка“ (2014), „Недокажани приказни“ (2015), „Букви во збор“ (2015), „Коњи“, (2016), „Вселенскиот пионер Јуриј Гагарин“ (2021) и „Забавни факти за диносаурусите“ (2021).

Татијана Стојанова Дуева е професор по македонски јазик и литература во СУГС „Јосип Броз – Тито“.
Оваа книгичка произлезе од училишна задача на Нина за делото „Пеколот“, а беше спроведена под менторство на професорката Стојанова Дуева.


Едицијата „Фактопедија“ е замислена како неформална едукација, збирка на интересни факти од светот на науката, технологијата, уметноста, екологијата… оние нешта кои на уредниците на едицијата им се чинат значајни за правилен интелектуален развој на младите индивидуи во едно недоволно развиено и ранливо општество.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *