Бесплатна книгичка „Дај, не фрлај“ за членовите по повод 5-годишнината на групата!

Групата „Дај, не фрлај“ е отворена на 25. ноември 2016 година, со првиот подарок – детски чизмички!

Првиот објавен текст од основачите Бранко Прља и Владимир Карер, кој и денес служи како манифест на групата беше:

Имаш работи кои ти стојат по дома, во подрум или во гаража, а не ти требаат. Количка за бебе, велосипед, кондури, облека, играчки… Наместо да ги фрлиш или однесеш работите кои не ти требаат таму каде што нема да знаеш до каде ќе стигнат, објави ги во оваа група и тој на кој што му требаат ќе може да си ги пронајде сам.

Да изградиме општество во кое подарувањето е примарно, а купувањето секундарно. Да ја кренеме довербата помеѓу луѓето и чувството дека некој што не го познаваме, а живее во иста држава со нас навистина се грижи за нас. Да ја урнеме потрошувачката парадигма која што владее со сите нас.

Сите сме пораснале носејќи облека на браќа и сестри, братучеди и синови и ќерки на најдобрите пријатели на нашите родители. Ако се уште го практикуваш ова, а немаш на кого близок да му ги подариш тие работи, објави ги во оваа група и подари ги на некој кој што му требаат, а не го познаваш. Ќе се чувствуваш подобро, и тој ќе се чувствува подобро, сите добиваме:)

Не подарувај нешто што не би го дал ни на сопственото дете. Да не е скинато или неупотребливо. Се што е очувано и речиси ново. Зачисти ги малку, обнови ги работите, направи фотка и постави ги во оваа група.

Мислевме дека е „баш згодно“ да ја објавиме оваа група денес, на најголемиот светски потрошувачки празник, Black Friday:)

Денес, на 26 ноември 2021 година, по повод 5-годишнината и 50.000 членови, тимот на „Дај, не фрлај“ заедно со порталот Arno.mk подготви бесплатна книгичка наречена „Дај, не фрлај – од Фејсбук група до еко-револуција!“ која членовите можат бесплатно да ја преземат од овој линк.

Книгичката ќе биде отпечатена во ограничен тираж и дел од членовите ќе ја добијат како подарок.

„Нашата цел беше групата да прерасне во движење и во епоним за подарувањето,“ велат основачите и додаваат дека делумно ја оствариле целта. Уште од почеток тие ги мотивираа членовите да отворат нивни ограноци од групата по други градови, да се намали потребата од користење транспорт. Денес вкупната бројка на членови во оригиналната група и нејзините клонови е 150.000, што е еднакво на втор град по големина во Македонија!

Среќна годишнина, за многу години и за уште многу подароци!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *