Не купувајте ништо за „Black Friday”!

Живееме во едно консумеристичко општество и свет на празни вредности. Предметите се ценат повеќе од луѓето и од околината. Депониите се затрупани, на нив се гори отпадот и се загадува воздухот, а многу луѓе веќе имаат повеќе отколку што им треба. Се разбира има и такви кои немаат и овој петок за нив е само вообичаен ден без работа, со снаоѓање како да се преживее без планови за претстојниот викенд.

Затоа направете чекор кон самоподобрувањето и не купувајте ништо за овој празник на празни вредности – “Black Friday”!

Ако веќе толку не можете да одолеете и се решите на „shopping spree” балансирајте малку, подарете нешто преку групата „Дај, не фрлај“!

Консумеризмот е извор на „сите“ зла и потрошувачот е зомби-ѕвер која речиси без мозок се упатува кон местото каде што се наоѓаат неговите омилени предмети и мора да ги земе! Тој ги тера фабриките да работат со полна пареа за да ги задоволат неговите незаситни апетити, тој ја намалува цената на трудот и платеноста на работниците и тој ги зголемува цените на производите, едновремено полнејќи ги џебовите на производителите, трговците и деловните луѓе.

Се разбира без производство нема ни просперитет, но ако се намалат апетите на потршувачите и производството ќе биде поумерено и на тој начин ќе се трошат помалку ресурси, ќе се создава помалку отпад и отпадни води, ќе има помало загадување на воздухот – и наместо малкуте, сите добиваме!

Но, дали такво нешто е возможно во денешниот свет?

Малку е веројатно дека консумеризмот ќе замине во историјата и ќе се вратиме на старите начини во кои производите се одгледуваа и создаваа од мали производители, се транспортираа во природни материјали и се носеа до дома во торби, а таму се готвеше домашно, се подготвуваа зимници во реупотребливи тегли и шишиња, не се користеа вештачки пестициди и конзерванси, а се бараше малку повеќе труд, но даваше многу повеќе задоволство!

(Сите) ние сме жртви на удобноста!

Зошто да одвојувате пластика, хартија или стакло кога е полесно се заедно и „трес!“ во кантата, па понекогаш зошто да одиме до контејнерот, полесно е на улица! Зошто да м’кнеме торби ако имаме кеси во секоја продавница, зошто да се трудиме малку повеќе кога се ни е достапно, зеленчук во кеси, готови јадења, па и салати во пластични пакувања!

Сите сме жртви на рекламите и наметнатата потреба дека без нешто не се може, зашто „мораме“ да купиме уште, и уште, и уште повеќе, а всушност ништо од тоа не ни е неопходно!

И не е проблемот само во „Black Friday” , туку во целата комерцијализација на животот, на животниот стил и на празниците, кои од интимно семејно (па за некои и длабоко духовно и религиозно) доживување, се претворени во купувачко лудило и празнење на семејниот буџет.

Групата „Дај, не фрлај“ исто така има празник, 5-години од нејзиното постоење на 25.11.2021 заедно со “Black Friday”, да му служи како противтежа. Наместо да купите нешто што не ви треба, подарете нешто што не користите на некој друг кој ќе ви биде благодарен!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *