Маргина и “The Marginalian”, за местото на културата во модерниот свет

Во светот на популарните медиуми постоеше едно интимно место посветено на необичното во литературата наречено Brain Pickings. Од скоро овој сајт на бугарката Марија Попова која живее и работи во САД беше преименуван во The Marginalian.

Во алтернативната култура во Македонија од 1990-тите постоеше едно списание наречено „Маргина“, интелектуално искуство самопрогласено како „Сурфање по маргините“. Маргина беше пандан на екс-Југословенските „Зарез“ и „Кворум“, списание достојно за секој љубител на чудните раскази, стрипови, идеи и движења во уметноста и теоријата на истата.

Маргина уште постои, излегувајќи еднаш годишно повеќе по инерција, отколку да биде некаква движечка сила на алтернативната култура во Македонија. Можно е и „списанието“ (т.е. некој остаток од духот кој некогаш го водеше, наречен Коља) дека се откажа или сфати дека такво нешто како алтернативна култура (или каква и да е друга!) во Македонија едноставно веќе не постои.

Но, затоа постои The Marginalian, како сведоштво на тоа дека и мејнстримот во убавите нешта е веќе на маргините на колективната свест која е во постојана потрага по какофонија на звуци, подвижни слики кои се менуваат со едно помрднување на прстот по екраните.

Денешните генерации се далеку поинформирани од поранешните. Но, за нив легендарните културолошки концепти како “Ministry of silly walks” или “First Rule of Fight Club” се познати само од „мемиња“ и се сведени на еден “Youtube bottle flip” момент со што го губат своето значење во еден поширок контекст. Со самото тоа таквите концепти кои ги поместувале границите на разбирањето на она што значи да се биде креативно човечко суштество се претворени во мото, слоган – ништо повеќе од едно „Just Do It“ брендирани во свеста на идните генерации.

И посакуваме среќа на Марија во нејзиното сурфање по маргините… а нашата држава секако си останува на маргините на светот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *