
„Дај, не фрлај“ е Фејсбук група која е отворена пред 5 години за подарување на користени нешта со цел да се зголеми реупотребата и да се намали купувањето нови работи кои имаат штетно влијание врз околината и врз луѓето.
Консумеризмот е една од главните причини за натрупувањето на отпадот на депониите, загадувањето на почвите и подземните води, палењето на отпадот и загадувањето на воздухот. Со реупотреба на работите се грижите за луѓето и околината.
„Нашата цел е да станеме епоним за подарувањето, како што „палома“ е за марамиците, „сјај“ за средствата за чистење садови, „фруктал“ за соковите, „Ајнштајн“ за генијалците итн.“ велат основачите на групата Бранко Прља и Владимир Карер.

Подарувањето е особено значајно за нешта кои брзо се заменуваат, како облека и обувки за децата кои ги прераснуваат брзо, па можат да се подарат речиси нови, истакнуваат основачите и додаваат дека работите треба да се подаруваат во сочувана состојба.
Групата има повеќе од 30 „клонови“ на Фејсбук кои функционираат самостојно и со тоа станува движење, а во градот и државата се почесто се слушаат муабети „Имам кауч што не ми треба, не знам што да му правам…“ и како одговор: „Подари на дај, не фрлај!“ што оди во прилог на муабетот за епонимите.
Кога станува збор за екологијата, пред рециклирањето доаѓа реупотребата и намаленото купување. Приклучете се на „Дај, не фрлај“ и подарете нешто што не го користите и не ви треба, другите ќе ви бидат благодарни, а вие ќе се чувствувате полесно!