„Јелгава ’94,“ екстремна музика за екстремни времиња!

Во издание на Готен во 2018 година излезе превод на романот „Јелгава ’94“ (2015). Во 2019 година делото беше филмувано.


Секој што ја преживеал младоста во деведесеттите години на XX век во некоја држава од источна или јужна Европа, која претходно била под влијание на Советскиот Сојуз, бил соочен со многу премрежиња. Се работи за индивидуи кои најпроблематичните години од своите животи ги преживеале во најпроблематичната ера во овој дел од Европа од крајот на Втората светска војна до денес.

На територијата на поранешна Југославија, ние бевме сведоци на распад на еден систем врз чии принципи беа израснати генерации, систем во кој веруваше поголемиот дел од популацијата, а по неговиот распад следуваше создавањето на помали национални држави, војните, крвопролевањето и помирувањето, прифаќањето на новото општествено уредување и бавната повторна изградба на довербата, вредностите, добрата и инфраструктурите.

Во таква атмосфера младината во Југославија, иако беше дел од еден социјалистички систем, сепак не беше изолирана од светските текови. Во музиката постоеја панкот, металот и њувејвот, раперите се мразеа со металците, а панкерите ги презираа романтичарите и кремците.


Романот Јелгава ‘94 нè воведува во слична атмосфера во која младиот четиринаесетгодишен главен лик на романот ги поминува сличните премрежиња на промена на системот и на вредностите во Летонија, позиционирање на себеси и на својата земја и осамостојувањето на двата ентитети, од кои едниот (личниот) влегува во светот на возрасните, а другиот (општиот) влегува во заедницата на самостојни држави. И двата од тој момент треба да се грижат сами за себе и да опстојат.

Авторот нè носи низ неговите авантури во светот на музиката, пред сè преку авангардните и бунтовни жанрови. На почетокот станува збор за алтернативната и гранџ музика, за Курт Кобејн и неговата насилна смрт, како симбол на ултимативниот бунт кон конформизмот и комерцијализацијата.

Како што се одвива дејството, авторот и неговите пријатели навлегуваат во светот на пожестоката, побрзата, поагресивната музика. Ликовите се живописни, вистински луѓе од крв и месо, кои експериментираат со можностите што им ги дава малата и ограничена средина, под влијание на епските и „поголеми од животот“ приказни присутни во музиката што ја слушаат.

Учиме за животот во градот Јелгава и државата Летонија, но дознаваме и за „бруталните“ бендови од оваа земја, како Алфхајм и Дарк реин, првите блек метал бендови во Летонија. Приказната на главниот лик станува сè пожестока и побрза, како и музиката што ја слуша. Како што се развива дејството во книгата авторот го напушта влијанието на, колку и тоа да звучи чудно, помеките дет метал бендови. Повремено споменување на хеви или треш метал бендовите е само од историски аспект, тие за неговите уши навикнати на бучава се како поп музика. Паралелно се впушта во светот на блек и дум бендовите, со повремени споменувања на екстрим, грајндкор и индастријал металски бендови.

На крајот, авторот се наоѓа во денешното време и, освен тоа што ние како читатели се чувствуваме преместени во друго време и друг милениум што припаѓа на универзумот што тој го изгради во книгата, така и самиот автор се чувствува како странец во светот во кој припаѓал порано и кој го определувал како индивидуа. Се појавуваат некои нови дет-дум метал бендови од Летонија како Фреилти, но авторот не може да се идентификува со нив. Ги среќава старите пријатели, но и тие средби се изместени и неприродни.

Приказната на главниот лик нема да ја раскажеме тука, таа е емотивна приказна за растењето и болните искуства што ги носи тоа, и ви оставаме вам, како читатели, да се внесете во неговата приказна што вреди да се исчита. Освен тоа, сметаме дека не би му направиле услуга на авторот доколку ја прераскажеме неговата приказна, тој го прави тоа сосема автентично со неговиот стил и начин на раскажување, а нам ни останува да ви го пренесеме нашето искуство од оваа одисеја во море на жестоки бендови и екстремни жанрови.

Во книгата се запознаваме со многу бендови од родената земја на авторот, Летонија, како покласичните хеви метал бендови Скајфорџер и Хускварн, бенд од самиот град во кој се случува дејството, како и блек метал бендовите Алфхајм, Дарк реин и Мејз оф цако торментс. Понатаму, дум/готик метал бендовите Хевн греј, Фреилти и Грајндмастер дед, со примеси од летонската народна музика. На крај, но не последен, би го споменале и дет метал/грајндкор бендот Табестик ентерон, кој е исто така од Јелгава.

Ова дело може да ни послужи како еден вид патоказ низ металската сцена во Летонија, но и пошироко, од другите народи од северна Европа и нивните бендови Асфикс, Хипокриси, Диес ирае, Аморфис, Анлишд, Ет д гејтс, Демилич и други познати дет метал бендови од англиското говорно подрачје.

Но, ако постои еден жанр што доминира во книгата, освен доминантното присуство на дет метал музиката во првиот дел од книгата, тоа се дефинитивно блек метал бендовите како Мејхем, Мортилс, Сатирикон, Имортал, од Норвешка, земја во која овој жанр особено се негува, но и финците Бехерит, како и за нас помалку познатите Летонци Нахаш и Поколус. Тука се секако и дум метал бендовите, повторно од ладниот север, како Триститиа, Немесис, Анхоли, Селестиал сизн и многу други.

Преку сето ова изобилство од бендови и жанрови што биле и сè уште се присутни во тие краишта на Европа сфаќаме колку е богата оваа сцена, а е сосема непозната на повеќето луѓе од нашите краишта, секоја чест на исклучоците.


Но, се поставува прашањето, колку се нашите квалитетни бендови кои припаѓаат на вакви и слични „брутални“ жанрови познати во тие земји, па и воопшто надвор од Македонија? Зар и тие не заслужуваат ваков роман? Каде се расказите за култниот краст хардкор бенд од Скопје Бригејт О. Д. и сличните бендови, како и нивната демо-касета „Smash the Army Before They Smash You“, како и нивните песни од „преку сила“ една минута?

Но, можеби е така затоа што овие бендови кај нас биле повеќе исклучок отколку претставници на една сцена, како што тоа било во источноевропските и северноевропските држави. Генерално, потешките металски жанрови не биле присутни во метал сцената во Македонија сè до почетокот на XXI век. Грајнд жанрот бил повеќе поврзуван со хардкор панкот, отколку со металот како во примерот на нојз/панк/грајнд бендот K.O.S. од кој настана дет/треш метал бендот Нихилист или грајнд/нојз бендот Блади Џорџ, хардкор панк бендот Тенк ворнинг нет (TWN) и слично.

Во осумдесеттите кај нас преовладува пост-панк или готик рок звук измешан со православната црковна музика, византиските звуци и звуци од изворниот народен фолклор на бендовите Падот на Византија, Мизар, Телонаука совршена и Анастасија, а во деведесеттите со распадот на Југославија и отворањето кон надвор доаѓаат и експериментални и авангардни музички групи како Мајндфилд, Вермилион Дивиејт и алтернативните бендови како Архангел, Санс, Балкан експрес, Ласт експедишн, Д’Далтонс, Рок агресори и слично.

Тука на сцена влегува металот, кој е дел од нашата приказна и приказната на оваа книга. Хеви метал сцената, со посериозните Аргус и неизбежните хумористични хард-рокери Чоканче помеѓу другите, кај нас беше особено жива, a треш метал сцената доживеа вистинско прифаќање од младите музичари во Македонија со бендовите како Сатанхорд, Саркофаг, Холокауст и Саваот или уште попознатите Орион и неизбежните Санаториум, а подоцна и Паралајзер. Дет метал сцената во Mакедонија во тоа време беше слабо развиена, со исклучок на неколку бендови како Амнестија и Дисмеј со неколку демо снимки или погореспоменатите Нихилист и Орион.

Исто така, се поставува прашање дали може да се зборува за блек и дум метал сцена во Македонија во средината на деведесеттите. Постоеја извесни дум метал бендови, како Андертејкерс, Ктоник Ренесанс и Атараксија, како и австралиско-македонскиот блек треш метал бенд кој пее за античката македонска историја, Балтак.

Кон крајот на деведесеттите се јавуваат индастријал њу метал бендот Верка, како продолжение на Модифајд Годс и Сињак, како пионери на блек металот кај нас, со испреплетеност на традиционални македонски звуци на нивни автентичен начин.

Во новиот милениум во сè уште транзициската, самостојна Македонија се јавуваат многу блек, дум и дет метал бендови кои заслужуваат внимание, но тоа е веќе друга приказна што останува да биде раскажана од некој друг јунак.


Писателот Јанис Јоневс е вистински раскажувач! Дијалозите се мајсторски изведени, лесни и интересни и без сомнение ќе ве вовлечат во светот на авторот. Освен со музичката сцена, авторот нè запознава и со многу од култните музички места и концерти во Летонија, а на крајот, со последното поглавје, да сведочи на распаѓањето на металската сцена во неговата татковина, каде што од доминантна супкултура станува маргинализирана.

Но, ова не е само книга за металци или за тие кои се заинтересирани за историјата на музиката туку и за секој што се интересира за една автентична, едноставна, непретенциозна и духовита приказна сместена во една постсоцијалистичка земја. За нејзината универзална вредност зборува и тоа дека по објавувањето книгата станала национален бестселер, ги добила наградите за дебитант на годината во Летонија и Наградата на Европската Унија за литература за 2014 година.

Текстот е многу слоевит со референции на историјата и културата на Летонија и на градот Јелгава, град што бил најпогоден за време на Втората светска војна во Летонија. Се работи за приказна за една младост, бурна и бунтовна, за растењето во сивите „комунистички“ згради во времето веднаш по распадот на Советскиот Сојуз, за еден млад човек кој стои сам (со своите верни другари) против семејството, општеството и светот, со показалецот и малиот прст исправени високо нагоре за да не стане како „возрасните“, конформист, обичен, здодевен… а дали протагонистот и неговите пријатели успеваат во тоа, останува да ја прочитате книгата и да дознаете. Ви посакуваме убаво „слушање“ и… останете брутални!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *