I am from Macedonia, take me to Europe!

“I am from Bosnia, take me to America!” засвирија Dubioza Kolektiv во Советот на Европа (Council of Europe) во Стразбур, Франција и воедно побараа азил за бендот, па и понудија бесплатни свирки во паузите на седниците, за забава на политичарите и за поубава атмосфера!

Објективна гледна точка

Одличниот настап на Дубиоза Колектив не потсети дека балканскиот призвук е интересен за Европејците. Но, дали тие навистина ги слушнаа стиховите со длабока општествена и цивилизациска критика? Освен тоа, останува под знак прашање дали ние Балканците сме им интересни само како “dancing monkeys” или навистина се интересираат за нашата култура и автентичен дух.

Да се присетиме дека основната задача на Советот на Европа е создавање на единствена Европа во чии основи лежат принципите на слободата, демократијата, заштитата на човековите права и владеење на правото. Дали е така навистина?

Франција и Европа ја предадоа Македонија, за едно „мерси“ на Бугарија!

Но, за Македонија тоа не е ништо ново, веќе виден филм, сите овие децении, па и повеќе од еден век. Останува да се обидеме да ги пратиме Суперхикс на една турнеја по Европските политички организации (и тие се духовити, забавни и критички настроени кон општеството).

Ако некој може да се избори за нашата иднина, тоа се Суперхикс!


Лична перспектива на Берт Стајн

Пеце од Суперхикс, во раните 1990-ти, доаѓаше во мојот подрум на пробите на бендот наречен Social Imbecility и нè навлекуваше на Ska punk, додека ние се обидувавме да „пичиме“ Hardcore punk. Но, тоа беше во една држава која веќе не постои.

Во оваа новава, додека Суперхикс „се подготвуваат“ за нивната турнеја низ Европа, решив да ги преслушам албумите на Дубиоза Колектив, од првиот па понатаму. Дубиоза почнав да ги слушам релативно доцна, можеби околу 2013 година, некои 4-5 години по нивното пробивање на балканскиот пазар – иако сум роден во Босна и тие ги мешаат (и по малку имитираат) омилените бендови од мојата младост (Asian Dub Foundation, RATM).

Можеби играше улога и тоа што во тие години имав две „пиленца“ во гнездото кои бараа постојано внимание со нивните отворени клунчиња високо кон небото. Тие пиленца, се разбира беа моите деца, а небото над нашиот град беше сиво, како и нашата иднина. Со други зборови, немав време за музика!

Сега, од дистанца на еден „средовечен“ татко, можев да се навратам на музиката и по малку „бумерски“ (што би рекле денешните млади) да дадам видување на музиката на моите поранешни сонародници. Притиснав „play“ и почнав да слушам.


Dubioza kolektiv (self-titled album, 2004)

На првиот албум се гледаат влијанија од реге и даб музиката, Asian Dub Foundation, Rage Against the Machine, Morcheeba, Tricky и се разбира, балканскиот мелос.

Албумот започнува невпечатливо со рандом мешање на реге, индиската музика и народњачкиот балкански мелос (Bosnian Rastafaria, Be Highirly и подоцнежната Receive), во стилот на Asian Dub Foundation, на моменти и Manu Chao, но како што се одвива станува се посериозен, поинтимен, побунтовен и поискрен.

Песната The Identity (делумно и песните Bring The System Down, Right Moments и Emptiness) веќе сосема го открива влијанието на ADF со вклучување на гитарски рифови и поенергични елементи со тивки паузи на шепотење/викање во стилот на Zack de la Rocha од RATM.

На сличен начин Cannot Forgive започнува со монолог за распадот на Југославија, а продолжува со рифови и рапување во стилот на Rage Against the Machine. Песна за војната, бунтот, внатрешниот и надворешен немир.

Песните Prisoner, One Blink се типични трип-хоп песни од стилот на Tricky и Martina, пејачката која го даде впечатливиот призвук на раните албуми на Tricky, кои го дефинираа стилот трип-хоп една деценија пред овој албум на Дубиоза колектив. Последната песна Endless е слична во тој поглед.

И тоа е деби албумот на Дубиоза Колектив, најуспешниот балкански бенд произлезен од деца на војната, транзициите, несигурноста, кризата и без иднина. Подоцнежните албуми ќе го донесат нивниот препознатлив стил и меѓународен успех – и подобрата иднина за нив – која сосема ја заслужуваат.

До следниот албум, слушајте Дубиоза, пардон Суперхикс!


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *