Науката потврдува: градот Скопје смрди – од под мишки!

K-15 во една сосема монтипајтоновска атмосфера на сериозна емисија во која дискутираат еминентни стручњаци (доктор Тошо Малерот и професор доцент доктор Паника Миле) се потсмеваат со реалноста на еден „смрдлив град“.

Не се работи за нов скеч, туку за првата епизода од К-15 емитувана на 23 Ноември 1994 година, значи пред (речиси) точно 27 години!

Легендарниот Цацко Конопишки (иако во оваа рана инкарнација тој е сериозен водител со литературен говор) започнува со констатацијата дека:

„Во последно време се поголем број стручњаци се занимаваат со потеклото на смрдеата во нашиот град.“

и го завршува воведот со заклучок:

„Констатацијата е дека градот Скопје смрди од под мишки!“

Градот Скопје смрди и смрдел и во 1994-та, што од под мишки на „граѓаните“, што од загадување, и К-15 како единствени сериозни сатиричари на овие простори го потврдуваат тоа.

Вреди да се изгледаат повторно епизодите на К-15 кои подоцна од монтипајтоновци по малку станаа народњаци, но тоа е цената на славата и успехот на балканот. Едно е сигурно, а тоа се гледа од нивните скечеви, како во наведениот пример – ништо не е сменето во нашиот град и држава во изминативе три децении – истите проблеми, единствено тие станаа поголеми и потешки за менување.

Во време на приватни летови во вселената, кога вештачката интелигенција е дел од секојдневието, се лансираат телескопи (James Webb Space Telescope) кои потенцијално ќе откријат живот на други планети – кај нас се уште се дебатира за потеклото на загадениот воздух, печките на дрва ли се, индустријата ли е, мишките ли се… никој не знае!

Се разбира постојат и добри иницијативи, и тие претежно потекнуваат од граѓани (на кои не им смрдат, а можеби и им смрдат мишките – нема објактивно мерливи податоци за тоа) кои со нивните граѓански (не НВО, туку независни) акции ги чистат улиците, садат дрвја, протестираат за воздухот, се собираат во ФБ групи и ја шират свеста за едно подобро, поеколошко, поцивилизирано живеење.

Од државата (кој и да ја води) веќе одамна се откажавме. Се разбира некои работи функционираат, не е исто да се разболиш во Америка и тука, и без државата би била анархија, но би сакале многу повеќе, зашто по малку ни е смачено од – како што би кажале американците „мечкин“ минимум („bare“ minimum). Се разбира, се шегуваме за мечките, но ако продолжиме вака и тие ќе заминат од Македонија во потрага по подобар живот!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *