Rotten Tomatoes е најдобар сајт за оценка на филмови, воедно тој е и најлош!

Ако сакате да знаете како може со ист аршин да се мерат „Шиндлеровата листа“ и филмовите на Марвел, посетете го сајтот на Rottoen Tomatoes!

Пред да почнеме да ги рендаме „патлиџаните“ (или пржиме „пиперките“ за филмски ајвар во нашиот културолошки контекст) – да се разбереме:

Rottoen Tomatoes не дава оценка за филмовите, туку е претставува консензус помеѓу критичарите. Но, што значи тоа?

Тоа всушност значи дека ако сакате да направите филм кој ќе има висок скор на Rottoen Tomatoes, тогаш држете се до успешниот рецепт:

  • Изберете 100 грама сигурна тема
  • Додадете 50 грама тоа што е во тренд
  • Измешајте, но не премногу! – за да не ги предизвикувате гледачите (критичарите) да размислуваат
  • Варете на тивок оган со кој нема да предизвикате многу „џева“
  • На крај прелијте со прелив без вкус за да не претерате и да навредите некој!

Тоа најдобро се гледа во примерот на филмовите „Боречки Клуб“ (Fight Club) со скор од 79% и

„Канцелариски простор“ (Office Space) – култен филм од 1990-тите кој длабоко одекнал во колективниот ум на цела армија луѓе има скор од 80% – а парадоксално сцена од него се наоѓа на плакат од канцелариите на Rotten Tomatoes во Беверли Хилс, Калифорнија,

заедно со Евтини Приказни (Pulp Fiction, 92%) и Појадок кај Тифани (Breakfast at Tiffany’s, 89%).

Канцеларии на Rotten Tomatoes… не гледаме патлиџани?

Во споредба со овие култни класици, 11 од филмовите на Марвел имаат скор над 90% и тоа:

  • Black Panther (2018) 96%
  • Avengers: Endgame (2019) 94%
  • Iron Man (2008) 94%
  • Thor: Ragnarok (2017) 93%
  • Spider-Man: Homecoming (2017) 92%
  • Guardians Of The Galaxy (2014) 92%
  • Shang-Chi And The Legend Of The Ten Rings (2021) 92%
  • Marvel’s The Avengers (2012) 91%
  • Spider-Man: Far From Home (2019) 90%
  • Captain America: Civil War (2016) 90%
  • Captain America: The Winter Soldier (2014) 90%

Дали овие филмови се поквалитетни од погорните кои се покажале култни за една цела генерација? Се разбира дека не се. Но, секако се посигурни, содржат и спроведуваат во реалност една испитана формула за успех. 

Проблемот е што системот на скорови создава забуна и никој не размислува за тоа дека се работи за консензус помеѓу критичарите, т.е. колку критичари го оцениле филмот како добар или лош, а не за апсолутна оценка за филмот.

Според сајтот култните филмови од 1990-тите години, како „Девојка со пореметување“ (Girl, Interrupted), има 54%, а бил значаен за една цела армија тинејџерки од 1990-тите, но секако не е “safe” за општа употреба, додека ремек-делото на Тери Гилијам „Параноја во Лас Вегас“ (Fear And Loathing In Las Vegas) има 49% итн.

Но, ако сакате да знаете кој филм е двојно подобар од овие класици, тоа е – Paddington 2 (100%)!

На 99% од публиката (да ги искористиме процентите на истиот грешен начин на кој ги користи Rotten Tomatoes) не и’ е јасно дека процентите не се апсолутна оценка за филмот, туку релативен консензус и дека 50 не е двојно послабо од 100!

Што да се направи?

Кога би имале одлучувачка улога во Rotten Tomatoes (која се разбира ја немаме) и кога светот не би бил една какофонија од дразби кои го бомбардираат мозокот и не му даваат мир (како што е и тоа нема да се смени), а сопствениците на тие мозоци би имале време да се „замараат“ со финеси (што немаат), добро решение би било:

Да се направат категории на оценување филмови!

Да се стави Човек пајак 2 (Spider-Man 2, 93%) и Приказна за играчките 4 (Toy Story 4, 97%) – 25 години откако остави печат на светот со оригиналниот прв дел, на иста вага со The Shining (84%) и Евтини приказни (Pulp Fiction, 92%) е не само грешно, туку и смешно. Народски кажано:

Rotten Tomatoes мери баби и жаби!

Со сегашните критериуми гледачите губат шанса да видат многу квалитетни филмови од минатото. Нема ништо лошо во „блокбастерите“ – забавни се и лесно заменливи со продолженија, но тие би требало да се одделат од филмовите кои оставаат културен колективен печат. 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *