Книгата не е крема за лице, зошто тогаш има декларација (која тешко се отстранува) врз неа?

Ако сте љубител на книги и ве нервира кога не можете да одлепите здодевна лепенка од книгата која штотуку ја купивте, тогаш овој текст е за вас.

Односот кон книгите за љубителите на истите е света работа. Книгите не само што се читаат, туку се чуваат како да се највредното нешто. Некои сакаат мазни корици, некои мат, релјефни или делумно светкави, други претпочитаат бела хартија, жолтеникава, рециклирана или текстурна. Љубителите на книги го сакаат мирисот на книгите и звукот кој го прават при вртењето на страниците.

Но, што кога врз книгата е залепена лепенка која тешко се одлепува и остава трага врз книгата? Таква лепенка ќе најдете врз сите книги кои се увезени од странство. Основното прашање е: која е функција на тие лепенки, дали се неопходни и што може да се направи да не се оштетуваат книгите? Едно решение се посебни лепенки кои не оставаат трага, што делумно би го решило проблемот (освен во случајот со книгите печатени на фабријано и други непластифицирани материјали).

Но, зошто воопшто постојат декларациите на производите? Во разговор со издавачи дознавме дека едноставно „Законот е таков“, но со мало истражување на „Законот за заштита на потрошувачи“, откривме дека (Извадок од законот, дел: „Обврска за информирање на потрошувачите“, Член 5):

Трговецот е должен:

  • пред склучувањето на договорот за продажба совесно и чесно на потрошувачот да му даде точни и корисни информации во врска со квалитетот, карактеристиките на производот или услугата и во врска со условите за продажба, како и сите други информации побарани од потрошувачот содржани во декларацијата на производот и
  • да го извести потрошувачот за влијанието на одредени производи врз животната средина и здравјето на луѓето, согласно со прописите и стандардите, како и за мерките за заштита, преку упатство дадено со производот, истакнато на амбалажата на производот или на друг соодветен начин.

Во овие два параграфи јасно гледаме дека декларациите даваат битни информации на потрошувачите кога станува збор за прехранбени или козметички производи. Тоа дека мноштвото информации се испечатени со букви за кои треба микроскоп и дека го покриваат оригиналниот (и често посоодветниот) текст е тема на друга дебата.

Клучното нешто кога станува збор за книгите е дека декларациите врз нив не содржат никакви значајни информации за заштита на потрошувачот. Напротив – тие го оштетуваат потрошувачот со тоа што оставаат грда трага врз корицата на книгата.

Конкретно, на декларациите врз книгите се наведени „Назив: Книга“, „Јазик: (кој и да е)“, кој ја увел книгата и земја на потекло. Сите овие информации се небитни за самиот потрошувач, освен ако се реши да ја изеде книгата, но секако составот на книгата не е наведен на декларацијата!

Во групата „Размена на книги и книжевни муабети“ со речиси 30.000 членови и секојдневни постови и како таква најбројна и најактивна група за книгите во Македонија, е поставено прашањето: „Дали ве нервираат декларациите врз книгите?“. Повеќето од членовите потврдија, а некои дадоа и иноватнивни идеи да се отстрани лепенката со фен, топла вода, влажна марамица или пареа. Еден член се пошегува дека со книгите треба да се даваат гратис фенови и легени. Некои коментари ја окарактеризираа дискусијата како „ситничарење“ и дека на книгата „не се суди според корицата“.

Би можеле да навлеземе и во филозофски дискусии која е вистинската функција на книгата, за нејзиниот (остварен) потенцијал да ја смени цивилизацијата, за тоа дека станува збор за уметничко дело или за односот кон книгите како мерило за степенот на развој на едно општество, но нема. Ќе заклучиме само дека парадоксалноста на ситуацијата е дека:

Законот кој треба да го „заштити“ потрошувачот, (во случајот со книгите) всушност го оштетува!

Време е да се отвори оваа (за некого небитна, за други суштинска) дискусија, со намера да се тргнат грдите лепенки од книгите!


Авторот на овој текст е писател, графички дизајнер и издавач. Има објавено речиси 30 книги, а дизајнирано многу стотини. Се смета за експерт во полето на сакањето книги и грижата кон нив.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *