„ЈНА, хипстери и други турбофолкери“ од книгата „Евтини приказни на Берт Стајн“

Алтернативните деца на Скопје од 1980-тите висеа по „Багдад кафе“ во Турска чаршија. Тогаш никој не ја викаше чаршијата „стара“. Зарем Камениот мост е „стар мост“? Во 1980-тите не се плашевме од различности, но тогаш беше Југославија.

„Признај, пиз** ти материна, признај!“ некој му довикна на Бови и тој одговори „Признавам!“ Истиот муабет како ехо се пренесуваше од занаетските дуќанчиња и древните анови преку Скопското Кале кое мудро си молчеше. Тоа доволно видело менување култури и јазици, преку Вардар и Градскиот стадион до клупите во Градскиот парк каде младите имаа две можности : да се заљубат или да се опијат!

Ехото завршуваше во Дебар Маало, директно во челуста на легендарното кафуле Ван Гог каде генерации идни југоносталгичари цевчеа Скопско и изговараа „ти кажу(ј)ем, бре!“

Кожни алки со нитни на рацете кои прекриваат влакнеста мускулеста подлактица и тексас јакна без ракави со пришивачи од Iron Maiden, Accept, Kreator и Metallica. Бови беше металец, со задолжителна долга коса и со суров изглед, а всушност беше душа од човек. Имаше и девојка, Вера, неговата голема средношколска љубов за која би се фрлил во огнена шутка.

Заљубениот пар Бови-Вера беше секогаш придружен од едно тринаесетгодишно момче, Берт, братот на Вера, кој им беше прикачен како некој досаден крлеж на грбот на селски загар. Го носеа секаде со нив, на свирки, на седенки во станот на Бови во сините високи згради во Ново Лисиче на Бул. Асном. Таму Томи, брат му на Бови, во паузите помеѓу свирењето на неговата Јолана електрична гитара, му покажуваше на Берт како се тетовира со жица од гитара. На рамото имаше истетовиран череп на кој додаваше завршни финеси и целата работа на детето му изгледаше валкана и непривлечна.

„Сакаш да пробаш,“ го праша, а Берт одмавна со главата на што Тони гласно се насмеа.

Берт се присети на тоа што типот од турска чаршија му довикна на Бови и знаеше дека се работи за дијалог од филмот „Тетовирање“. Но, тоа што не го знаеше е дека филмовите како „Тетовирање“ наскоро веќе нема да се прават. Генерациите кои допрва доаѓаат ќе гледаат безлично глобалистички филмови кои ќе може да бидат снимени каде било, а ликовите на деца кои играат Фортнајт или возрасни со свиснатите глави над мобилните телефони додека скролаат на Фејсбук или Инстаграм ќе станат секојдневие. Берт не го интересираше тоа, едноставно зашто во 1980-тите тие нешта не постоеја.

Тој сакаше да свири гитара, да слуша музика и да биде дел од светот на повозрасните. Сепак, пред девојките се чувствуваше несигурно. Томи имаше девојка која му се допаѓаше на Берт, но пред неа не изговараше ниту збор. Таа имаше долга виткана коса и немирен дух, сакаше да ги провоцира другите и раскажуваше за неверојатно чудни нешта како оргии на гробишта и за дроги чие име Берт не можеше ни да го изговори. Знаеше да го задева на начин на кој е екстровертните луѓе ги боцкаат интровертните, испуштајќи по малку отров од нивните песјаци, а вториве умираат со бавна и измачувачка смрт. Сепак, сите тие, вљубените, гитаристите, шмизлите и срамежливите беа алтернативци и Берт ги почитуваше заради тоа.

Малку подоцна, во деведесеттите, Скопје беше алтернативен град. Се разбира, рејв и гранџ културата беа „ин“ во целиот свет. Драмендбејс ритмите се слушаа од обичните кафулиња, а панк-рокот беше на светските топ листи. Карираните кошули и даркерските шминки ги заменија „а-ла“ 80-ти Мадона фризурите и дречливите бои.

Во тоа време тетоважите беа присутни во два случаи. Кај луѓе кои биле во екстремно затворени средини и делеле искушенија со други луѓе во иста ситуација – затвор или војска. Тоа се т.н. затворенички или војнички тетоважи, правени со игла, конец и туш, без уметничко чувство. Доминатни мотиви беа име на девојка, датум на затворање или одење во војска, можеби (ненамерно) лоша „карикатура“ на девојката или сидро, тенк (за војници), нож (за затвореници) и слично.

Другата категорија млади луѓе кои се тетовираа беа припадниците на супкултурите, повторно затворени во мали изолирани групи, но поврзани преку музиката која ја слушаа. Панкерите тетовираа спајалици и знак за анархија, раперите куси стихови кои означуваа цврстина и верност кон жанрот, металците черепи, рок-моторџиите трибални шарки, додека алтернативците поретко се решаваа за ваква радикална мерка само за да ја искажат својата припадност на музичката авангарда. Нивните тетоважи беа изработени со поголем уметнички осет, најчесто од некој ученик во средно уметничко училиште.

Кон крајот на деценијата некои типови со врски во странство почнаа да купуваат машинки за тетовирање. Тогаш Берт замина за Италија и ги исполнуваше неговите непреспани ноќи со цртање орнаменти со тенки маркери во боја врз неговите раце сонувајќи за тоа како ќе стане уметник за тетовирање кога ќе се врати во Скопје. Кога навистина се врати го симна ранецот натежнат со нови искуства и соништа и го забатали во некој ќош од неговиот живот кој се претвори во една долга ноќ во која наизменично се менуваа пијанките со друштво и осаменото пишување, додека Маало, од групата скејтери кои се собираа пред Цека, отвори студио за тетовирање.

Тогаш, во 1990-тите, другите „нормални“(!?) луѓе гледаа на тетоважите како на нешто валкано, неприкладно, речиси некултурно и немаа трошка доверба во тие кои се тетовираа, ги нарекуваа наркомани, џанкери, сидаши… со вакви прекари најчесто се користеа припадници на една друга супкултура – турбофолкерите.

Да се разбереме – турбофолкер не е оној кој слуша Цеца, турбофолкер е состојба на умот и практична филозофија на живеење, 10-ка со кромид, качување на маса, шпанска, па турска серија, „слушај-да-ти-кажам-батка“ типови со чешање на мевот, мајка-ми-готви, жена-ми-чорапи-пере, мацо-цуцо, шминки-педикири-маникири-шопинг… Секоја деценија од 1990-тите има своја верзија на турбофолкери.
Никој тогаш не можеше да замисли каков ќе биде животот во 2010-тите, и кога би знаеле сите тие алтернативци, металци, рапери и панкери, дека турбофолкерите ќе стапат во првите борбени редови пред машинките за тетовирање, би земале шмиргла и би го истругале секое парче од нивната покриено-со -вештачка-боја-кожа.

Се разбира, не секој хипстер е турбофолкер. како што не секој турбофолкер има кусо потшишана коса од страните, горе долга и по можност фатена во „пунџа“, со „гоцеделчевска“ брада кај машките, а „бадихолиевски“ очила со дебела рамка кај женските.

Како што ботокс усните и силиконските гради навлегоа во турбофолк супкултурата преку влијанието од Србија и особено Бугарија, каде таа машинерија произведуваше кукли на фабричка лента, така своето место си го најдоа и тетоважите. Времето на гитарска жица како игла за тетовирање или електромотор поврзан со цевка од тенкоминец завршија и вистинските уметници на повеќеигличестите апарати за тетовирање го заземаа нивното место.

Во ова време веќе може да се видат вистински уметнички дела со религиозни мотиви или национални симболи врз рацете на набилданите навивачи, тепачи и избацивачи, биртијаши, но и обичните „кај си бе брат“ граѓани. Оваа последна категорија најчесто се решава за тетовирање на сопственото име на долниот дел од подлактицата во стереотипен ракописен фонт, некогаш со големина 16-ка, но најчесто со 72-ка, долж целата подлактица, во случај во некоја биртоидна тепачка да бидат удрени по главата и да си го заборават името. Моментална амнезија може да се случи и од прекумерно консумирање Лозова (ракија, то ест).

Тетоважите во оваа мала земја која заостанува по наука, уметност, технологија, екологија, образование и култура, се барабар со модните трендови во светот. И тоа е нешто!

Соништата на Берт да стане уметник за тетовирање останаа неостварени, се дистанцираше од сето тоа и никогаш не се истетовира. Кога влезе во 40-тата деценија, сакал или не, на кратко доживеа и средовечна криза, отвори сопствен бизнис, си купи електрична гитара и прати слика од логото на германскиот индустријал бенд од 1980-тите Einsturzende Neubauten, кои Бови ги викаше Еден штурец на Бате, во tattoo shop. Ќе го чинеше 50 евра да си го обележи телото со некоја сликичка, која некогаш нешто му значела – ја батали идејата и си ја призна глупоста.

Берт веќе ја имаше лузната на цела надлактица од операција на скршена рака и лузна над око кога како дете се бркаше околу маса со сестра му. Einsturzende на бате и понатаму ги сака, иако не ги слуша веќе одамна и не му треба доказ за тоа пред другите!

Време е да сврти нова страница…

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *