Издиши-вдиши, лапни-голтни: „угоре високо, удолу длабоко!“ (Извадок од дневник на еден еко-активист“)

Под уличните светилки навечер веќе може да се „види“ воздухот. Тоа, не паѓањето на лисјата или заминувањето на птиците преселници, е првиот предвесник на есента и на неминовното загадување. Што дишеме, јадеме, пиеме никој не се прашува, никој не го прашува обичниот безнадежен „граѓанин“.

Пред некој ден син ми си купи сладолед и се намршти кога го касна. Ми даде да го пробам и го осетив добропознатиот вкус кој дома го нарекуваме „прашок“, амалгам од конзерванси кои започнуваат со „Е“, а завршуваат со „бате“. Иако сум воспитан никогаш да не фрлам храна, му кажав да го фрли сладоледот.

Малиот отсекогаш бил проблематичен „јадач“ и му пречеле секакви бои и вкусови, па сме го карале да јаде повеќе, но во случајов тоа е негова предност. Но, што е со другите деца кои и не се толку пребирливи јадачи. Се полнат со секакви хемикалии и уживаат во тоа. Ако му дадеш бонбонче на дете, тоа ќе го изеде! Одговорноста е на увозниците, продавачите, инспекторите и Агенцијата за храна. Се разбира, тие понекогаш си ја вршат работата добро, но тоа е најчесто следење на санкциите во ЕУ или во соседните држави.

Она што не е добро е да се остави проценката на квалитетот на храната на индивидуите, кои сами треба по вкус, мирис, или најдобриот показател – цена! – да одредат што е добро, а што не за нив. Во една земја во која стандардот и квалитетот на живот е низок, тоа е погубно. Ни треба подобар модел.


Понеделник, 20.09.2021

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *