10 непоправливи „грешки“ во трејлерот на новиот Матрикс филм кој ни Џон Вик не може да го спаси!

Матрикс (1999) беше еден од најреволуционерните филмови во креативната ера на 1990-тите и филм кој влијаел на безброј други кои дојдоа по него. Филозофијата на Матрикс е она што до ден-денес ја плени публиката и сè уште се водат дискусии за вистинските пораки и значења на трилогијата.

Првиот Матрикс филм беше аудио-визуелно ремек-дело кое се чини не може да се реплицира. Падот започна веќе со вториот Матрикс филм, и останува прашањето дали тоа е последица на трендот на опаѓање на филмската уметност од почетокот на новиот милениум или едноставно „ремек-дело“ не може да се направи два пати. Тоа со сигурност се потврдува во последното издание на Матрикс. Трејлерот секако е возбудлив:

За жал уште во трејлерот се забележуваат некои сериозни недостатоци на новиот филм во однос на оригиналниот.

1. Се чини дека се работи за Холивудски блокбастер, со сите веќе видени и познати техники на експлозии, акција, експлозии и уште експлозии. Всушност повеќе наликува на продолжение на Џон Вик, отколку на Матрикс.

2. Нео е очигледно заробен во Матриксот, и во служба на системот. Повторно е во барање на нешто, како на почетокот на првиот дел. Неговиот психијатар со сини очила му дава сини таблети кои го држат заробен. Тоа е уште една референца на првиот дел која е „измолзена“ до бескрај. Девојката со сина коса, Девојката од книжарницата со црвени очила. Како да се работи за рекламна кампања на избори па треба да се избере помеѓу сините и црвените.

3. Во Mатрикс е битна само една боја – тоа е зелената, бојата на програмскиот код кој ги заробува неговите жители, а таа ја нема воопшто во новиот Матрикс филм. Колоритот на првиот филм со зеленкаст превез преку него е сосема отсутен во блокбастерската верзија.

The Matrix 4 has an official title, and we have a description of the  trailer | GamesRadar+

4. Референците на White Rabbit, како алузија на книгата „Алиса во земјата на чудата“ се претерани и преочигледни. Во првиот дел тоа беше присутно како суптилна тетоважа на рамото на девојката која го повика Нео на забавата на која ќе ја запознае Тринити. Во вториот дел повторно ја гледаме тетоважата на рамото на девојката со сина коса која ќе го однесе Нео „низ огладалото“ (истоимена книга на Луис Керол), потоа ја гледаме книгата „Алиса во земјата на чудата“, а самиот трејлер е пропратен со песната (инаку култната) White Rabbit. Се чини дека авторите ја потцениле младата популација како глупава, неначитана и неинформирана што буквално морале да им ги плескаат „во фаца“ референците.

5. Црната мачка е… црната мачка! Кој го гледал првиот Матрикс знае. Уште некоја референца?

6. Девојката од книжарницата неодоливо потсетува на младата пророчица (The Oracle), иако постојат теории дека се работи за пораснато девојче Сати, новата пророчица. Повторно истите ликови…

7. На 1:01 од видеото се појавува пророчицата, што е референца за бинарниот код, како и бројот на собата 101, каде што живее Нео од првиот Матрикс филм. Исто така собата 101 од делото „1984“ на Орвел е подрумска просторија за мачење во Министерството за Љубов, во која Партијата го подложува затвореникот на неговиот најлош кошмар, страв или фобија, со цел да го скрши. Како и да е, веќе видено!

8. Едно од најголемите разочарувања за фановите е новиот Морфеус (Morphius), лик кој одлично го глумеше Лоренс Фишберн (Laurence Fishburne) во првата трилогија. Се претпоставува дека се работи за младиот Морфеус, но секој кој го гледал, сакал и му се восхитувал на првиот Матрикс не може да го заборави овој лик кој има пресудна улога во развојот на дејствието. Дали новиот Матрикс се поигрува и со темата на патување низ времето (во Матриксот се е возможно), па дури и постариот Нео (Џон Вик) кога се гледа во огледалото се гледа постар. Интересното е што постариот Нео наликува на стариот Агент Смит. Да, и агентите се повторно во Матриксот!

Is Young Morpheus In Matrix 4 Trailer? All Character Clues Explained

9. Нео е очигледно заробен, се ослободува и повторно со Тринити „кршат кичми“ на агентите. Се чини дека се работи за реприза на првиот филм, само со помалку револуционерна кинематографија и прилагодено за денешната публика. Се чини дека во овој филм Тринити ќе има попресудна улога отколку Нео, таа во еден момент се мултиплицира во различни нејзини верзии, но останува да видиме.

10. Другите референци, кои се чинат помалку интересни се птиците на небото кои се движат како „Сентинелите“ или алката на Тринити која потсетува на нив (машините од кошмарите кои го бркаа Нео и неговите ослободени другарчиња кон последното уточиште на човечката раса, подземниот град Зион). Повторно преочигледни референци кои како да се правени за третооделенци. Океј разбравме, Нео е повторно заробен во Матриксот!

Погледнете ја и оваа листа на детали:

Се чини дека единственото нешто ново е глупавата гумена патка на главата на Нео додека се бања во када, која е референца на Rubber Duck, техника во програмирањето (дебагирање) која се користи за пронаоѓање грешки во тешки програми со прегледување на кодот линија по линија, како да се објаснува на гумена патка. Ако тоа е освежување за претераното користење на референцата White Rabbit, тогаш на новиот филм не му се пишува добро!

Од кажаното, повторно не чека уште едно големо „веќе видено“ на модерната филмска индустрија – светото тројство наречено „римејк на трилогијата“! Се надевам дека грешам!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *