1.000 зборови дневно за да се „спасиш“ себеси и да го „продадеш“ сè она во што веруваш!

Исповед на еден „креативец“ за (општествената одговорност на) пишувањето, дизајнот, креативноста, маркетингот, екологијата и сите оние интересни нешта кои го прават животот поднослив во една не толку здодевна, колку немотивирачка средина.


„Ако сакаш да им помогнеш на другите, помогни си прво на себеси!“

Со оваа реченица ме пречека мојот долгогодишен соработник во креативните авантури на мојата (кој знае која по ред) идеја за „проект“ со кој наводно ќе се подобрат работите во нашето општество!

Како непоправлив идеалист, се разбира не го послушав. „Одговорноста на креативецот е да проговори за општествено битните нешта!“ си повторував во главата како некоја здодевна мантра. Всушност се работеше за почетокот на мојата криза како писател.

Истражувајќи во скриените патчиња на сопствената душа ја изгубив возбудата во измислените приказни, визиите и конструираните ликови. Она што почна да ме интересира, се повеќе, до ниво на опседнување, е:

Што можам да направам со (наводниот) талент кој го имам за пишување, за да ги сменам нештата околу мене, и во просторот кој го делам со другите луѓе.

Така станав активист за почиста животна средина, за подобро образование, за подемократска култура, за неформална едукација, за правата на децата, што и да ми пречеше или сметав дека треба да се подобри, пишував за тоа, истражував, давав мое гледиште и правев конкретни акции. За среќа во нашата средина има доволно простор за подобрување на нештата.

Сметав дека како дизајнер, од друга страна, сум должен да ги искористам моите способности за визуелно обликување на нештата за да можам да ги организирам собраните информации и знаења на што е можно подобар начин – за да имаат побрз и подиректен ефект врз луѓето и институциите кои можат да преземат нешто конкретно за решавање на проблемите.

Како вработен во културата се среќавав со идеалисти, луѓе кои го негуваа пристапот L’art pour l’art, кои знаеја со часови да дискутираат за (превод, користење на) еден збор или за еден концепт. Кога преминав во адвертајзингот сретнав луѓе кои не се интересираа за уметноста и културата, туку за начинот на кој можат практично да ја применат својата креативност.

Во овој свет се запознав со најкреативните и највредните индивидуи, но никој од нив не беше заинтересиран да направи вистинска промена во општеството – ги интересираа само парите – начинот на кој можат да ја продадат идејата.

Тогаш почнав интензивно да размислувам за тоа што би се случило кога истите тие луѓе би ја искористиле нивната способност – а беа врвни трговци со креативни идеи! – за нешто општествено корисно. Какви кампањи за почиста околина би биле тоа! Какви практично спроведливи иницијативи! Какви уметнички проекти кои имаат реална корист за општеството! Би и немало граници на практичната креативност! За жал овие луѓе не се заинтересирани за такви авантури, нив ги интересираа парите.

Но, разбрав дека проблемот не е во нив. Тие се задоволни од себеси, работат напорно, но и заработуваат добро. По агенциите прв пат разбрав дека постои место наречено „Малдиви“ и дека некој од нашата земја оди на летување таму. Тоа е прекрасно! Сакам кога луѓето успеваат во животот, навистина сакам.

Лично би се срамел да возам автомобил од 50.000 евра во земја во која има луѓе (па и семејства) кои живеат со 5.000 денари месечно! Но, тоа сум јас. Мене ме спречуваат сопствените проблеми да бидам среќен. Се разбира, кога би бил среќен и исполнет, не би се грижел за ѓубрето, загадувањето, сиромаштијата или неправдата. 

Кога не можеш да се спасиш себеси, го спасуваш светот! Позната стара приказна.

Што да се прави ако си идеалист откако знаеш за себеси? Ако си сонувал од дете да го смениш светот? Ако тоа ти била носечка идеја во животот, дури и кога си застранувал толку многу од неа што си поминувал денови во безделничење или злоупотреба на супстанци и си ја мразел секоја минута од сопствениот живот помината на тој начин. Се разбира, за среќа, таквите екскурзии се кратки и имаат функција на ресетирање. Почнуваме одново!

Кој е новиот проблем за кој можам да се фатам за грло? Кога завршував една книга и ја праќав на печат, веднаш започнував нова. Всушност новата ми беше во глава уште пред да ја завршам старата. Така било отсекогаш и веројатно ќе биде. Ако не изгубам инспирација, а таква можност веројатно постои, иако идеи има секогаш и насекаде, каде и да се свртиш. Ако имаш упорност да се фатиш за врат со нив и да ги истераш по секоја цена, тогаш нема да има кризи.

1.000 зборови дневно – препорачува Стивен Кинг!

Можеби некогаш ќе пишуваш неподносливо лоши нешта, но еј – светот е доволно голем за безброј генијално-глупави дела!

Што е следно? Не знам, но знам дека работам на тоа. И не заради себеси или душевниот мир, туку заради продуктивноста и она глупаво упорно нешто што ме тера постојатно да се борам со неправдите околу мене. 

Останува дилемата на избор: „Ако сакаш да им помогнеш на другите, помогни си прво на себеси!“ или „Ако не можеш да се спасиш себеси, спаси го барем светот!“

Што е правилното според вас?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *