Повеќето од „еурека“ моментите во модерната наука не се случиле во када, туку во кафулиња!

Од подкастот на Лекс Фридман, научник од областа на вештачката интелигенција, кој има голема гледаност, а воедно интересни и необични гости од светот на науката, но и пошироко, дознаваме повеќе за проектот Fermat’s Library и за тоа дека повеќето од големите еурека моменти во модерната наука не се случиле во када, туку во кафулиња!

Пјер де Ферма, според кој е наречена оваа онлајн библиотека за научни студии, бил француски математичар кој заедно со Рене Декарт се смета за најзначаен математичар на 17-от век. Ја создал аналитичката геометрија, придонел за развојот на калкулусот (го инспирирал и големиот Исак Њутн), теоријата на веројатноста и теоријата на броевите. Не е лошо нели!

Овој математичар ја напишал неговата најпозната последна теорема на маргините на изданието од 1637 на книгата Аритметика од старогрчкиот математичар Диофант.

Но, тоа што не го направил (ниту имало место) е да остави доказ за неговата теорема. Ова останало една од најголемите мистерии во математиката и нерешлив проблем се до 1994 година кога, 358 години по теоремата на Ферма, ја докажал англискиот математичар, Ендрју Вајлс (Andrew Wiles). Доказот бил долг 129 страници!

Сајтот Библиотеката на Ферма (Fermat’s Library) е заинтересиран за приказната зад познатите научните статии и воедно ги повикува истражувачите, научниците академиците и луѓето кои имаат научни познавања да коментираат на маргините на статиите.

Секоја интересна забелешка, идеја, сознание или референца може да се најде на маргините на овие студии што ги прави почовечни, подостапни за општата популација и поинтересни за читање.

Fermat’s Library има и други интересни функции, но да не откриваме се, посетете ги!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *