Сличности помеѓу серијата „Локи“ на Марвел и делото „Атом и Ева“ на Бранко Прља

Атом и Ева“ на Бранко Прља е експериментален роман објавен во 2012 година. „Локи“ е серија на Марвел од 2021 година.

Атом и Ева - kupikniga.mk

Во романот „Атом и Ева“ се раскажува за авантурите на главните ликови Адам и Ева кои патуваат низ историјата за да го заштитат атомистичкиот светоглед од времето на Античка Грција како столб на материјалистичкото гледиште на Западниот свет. Тие двајца, по потекло од Едемската градина, во центарот на Светот на идеите, се испратени од нивниот господар, Господ Вакуум, да го поробат нашиот свет (кој е материјализирана верзија на светот на идеите) и да ја сочуваат материјалистичко-консумеристичката догма.

Во серијата „Локи“ чуварите на времето работат на спречување на варијациите во предетерминистичкиот тек на времето, контролирани од „човекот зад завесата“, со цел контрола на слободната волја и воведување неприроден ред во универзумот (поточно мултиуниверзумите) кој/и природно тежнеат кон хаосот.

Кои се паралелите помеѓу „Локи“ и „Атом и Ева“?

Господ Вакуум кој живее во светот на идеите е „човекот зад завесата“, креаторот и контролорот на материјалниот поредок во светот. Во „Локи“ Тој којшто останува (He Who Remains) е создавач на чуварите на времето, и на TVA (Time Variance Authority), место од каде се контролираат опасните варијации на времето. Овој свет исполнет со артефакти од ретро-американа од 1950-тите, има сличности со Едемската градина од Светот на идеите на Господ Вакуум кој е типичен балкански тип во подмаица кој верува дека е господ и неговата сопруга, турбо-фолк пејачка со напумпани усни и гради. Американа и Балканијада! Двата „сетинзи“ се своевидна пародија на она што би требало да биде центарот за воведување ред во светот, времето и се она што постои.

Локи е оној кој го нарушува поредокот, тој кој сака да ги ослободи луѓето и да им даде слобода на умот и на мислите, наспроти контролата која сакаат да ја наметнат чуварите на времето. Во „Атом и Ева“ истата улога ја има инспекторот Дик Трејсиќ, кој се обидува да ја наруши атомистичката материјалистичка догма која ја наметнува Господ Вакуум врз луѓето.

Атом и Ева се агентите на контролата, како временските полицајци во серијата Локи, кои се обидуваат да го сочуваат редот во времето, преку временските порти и патот низ времето, каде ги отстрануваат варијациите. Атом и Ева патуваат низ историјата и ги посетуваат сите значајни филозофи, научници, експериментатори и теоретичари кои придонеле за развивањето на идејата на атомизмот и ја играат улогата на нивните „музи“, т.е. им ги шепкаат материјалистичките вистини во „увце“. Така им помагаат да ја развијат нивната наука и технологијата која го следи чекорот, преку индустриската револуција, до моќта на атомот, тие се носители на материјалистичката, капиталистичка и консумеристичка парадигма.

Господ Вакуум е тој кој го праќа динамичното дуо на оваа историска мисија, зашто тој е Богот на предметите и празните вредности. Од истата причина (контрола) и „He Who Remains“ ги создава и праќа на мисија чуварите на времето.

Мотивите, сепак, се различни, иако во Локи не е сосема јасен мотивот на господарот на светот (кој е подеднакво парадоксален и разочарувачки како и Господ Вакуум или секој друг типичен „човек зад завесата“), мотивот на Господ Вакуум е јасен – профит од евтини копии на предметите од светот на идеите во нашиот свет!

Тоа произлегува од тезата на „Атом и Ева“, дело кое авторот го нарекува „едукативна проза“ (од него ќе научите за историјата на атомизмот, од Демокрит до Радерфорд), дека „реалниот“ свет воопшто не е реален, туку е само искривена проекција на светот на идеите. Тој е контролиран од Господ Вакуум во кој луѓето се потчинети на овој суров господар со една цел – да произведуваат евтини производи со сомнителен квалитет кои не се дозволени во светот на идеите.

А „Локи“? Останува да видиме во втората сезона!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *