На 25 јуни 2021 Пентагон издаде извештај за 144 набљудувања на „неидентификувани воздушни феномени“ од вооружените сили на САД, претежно од персоналот на морнарицата на САД, од 2004 до 2021 година. Извештајот околу кој се крена многу прашина, не откри ништо спектакуларно или ново.

Фасцинацијата на човекот со вонземјаните потекнува од античките цивилизации, но првите документирани дебати за нивното постоење се од поново време. Според книгата „Дебата за вонземскиот живот, 1750-1900“ звучни имиња како астрономите Хершел, Боде, Лаланде и Фламарион или филозофите како Русо и Волтер дискутирале за постоењето на живот надвор од Земјата.
Според една друга книга на темата „НЛО и вонземскиот контакт: два века мистерија“ првите сведожби за НЛО потекнуваат од 19-от век. Сепак, вистинската фасцинација со вонземјаните и не е толку дамнешна и е поврзана со сведоштвата на пилотите од 1940-тите години.

Тогаш започнува НЛО-манијата и сликите на мали (зелени) суштества со големи глави, крупни очи, тела речиси без мускулна маса, јасно зашто не ги користат нив, туку големите мозоци за се што им треба. Овие, наводни, меѓуѕвездени суштества всушност припаѓаат на 2 тип цивилизации, но што значи тоа?
Според научникот Николај Кардашев и неговата скала, заснована на користењето на енергијата, постојат 4 типа цивилизации. Тип 1 е нашата цивилизација, способна за користење на енергијата на матичната планета. Тип 2 е цивилизација која може да ја користи енергијата на матичната ѕвезда и на сончевиот систем. (Се разбира тука не зборуваме за соларните панели, туку за објекти како Дајсоновата сфера.) Тип 3 ја користи енергијата на галаксијата, а тип 4 на повеќе галаксии.
Постојат и други теоретски типови, како тип 5, кој ја користи енергијата на филаменти од галаксии (најголеми мегаструктури во вселената) и тип 6, кој потенцијално може да ја користи енергијата на цела вселена. Погледнете го ова интересно видео кое детално објаснува како може да изгледаат вонземските цивилизации според овој тип на поделба.