Што можеме да научиме од Кина за екологијата?

Кина е светска сила која доживеа развој со таква брзина каква не е забележана никогаш во историјата. Кина помина своја верзија на индустријализацијата и капитализмот во само неколку децении и паралелно со развојот на државата, природата плати висока цена. Загадувањето на Кина, како последица на индустријата, достигна митски размери и дури одеше „барабар“ со нашата неразвиена и сиромашна земја.

Кина беше позната како најголем увезувач на отпад на светот, всушност половина од отпадот од сите развиени земји завршуваше во Кина. Во 2017 година Кина направи пореметување на митот за рециклирањето во светски размери кога забрани увоз на странски отпад.

Тоа е дел од новата стратегија на Кина – да стане еколошка земја која се грижи за околината. Како што се справи со пандемијата, диктаторски и авторитативно, Кина на истиот начин се справува со екологијата. 

Видеото подолу е само еден интересен пример за инвентивните методи кои ги применуваат за ревитализација на природата, прскање на соголени планини со огромни црева полни со мешавина од земја, семиња и хранливи материи.

Од книгата China Goes Green: Coercive Environmentalism for a Troubled Planet на авторите Yifei Li and Judith Shapiro дознаваме дека дискурсот за правото на развој кај носечките политички сили беше заменет со грижа за планетата. Министерството за екологија добило одврзани раце и строга контрола врз тоа што и како се произведува, што и зошто се увезува, кој и колку загадува, вовеле заштитени зони и забраниле увоз на штетни и отпадни материјали.

Ваквите промени почнале да се случуваат уште од 2014 година на самитот на АПЕК (Asia-Pacific Economic Cooperation) во Пекинг, каде Обама и Xi Jinping заеднички ги објавиле амбициозните планови на двете земји за намалување на производството на јаглерод диоксид.

Кина денес е најголем производител и потрошувач на електрични автомобили и произведува 99% од светските електрични автобуси. Тоа е само еден пример во градењето на една нова Кина како циркуларна економија, самоодржлива економија и еколошка цивилизација.

Кинеската комунистичка партија е на чело на сите овие промени и ако тие го замислиле верувајте дека ќе се оствари, а граѓаните на Кина само нека се обидат да не почитуваат!

Се чини дека една Македонија, која се дави во сопствениот и странскиот отпад со кој управуваат сомнителни лица како излезени од дистописки романи, соборува рекорди во загадувањето, нема никаква стратегија (поточно има неефикасна) за справување со прашањата поврзани со екологијата, може да ја спаси само диктатура! Но, веќе го видовме и тој филм и неговиот крај не е среќен.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *