Кога една земја ќе стане моќна таа го следи класичниот пат – бара начини како да го прошири своето влијание и моќ кон надвор. Тоа обично го прават на два начини – економски и воено, со што проектираат моќ, се поврзуваат со другите земји и го продолжуваат нивниот развој. Но, зошто Кина го шири своето влијаение токму во Африка?
Дознајте од видеото подолу, или дозволете да ви раскажеме.
Воглавно има две причини: економски и геополитички. Исто како што САД нашла евтина работна сила во Кина, така и Кина со зголемувањето на БДП го бара истото во Африка. Со огромни вложувања од 300 милијарди долари во Африка таа вложува во нешто што економистите го нарекуваат „економии во пораст“ (уште се неразвиени, но со малку вложување можат да почнат да се развиваат).
Кина во Африка вложува во транспортни проекти (патишта, мостови, железници), објекти за домување, но и други како библиотеки, стадиони, згради на парламенти, енергетски проекти (нафта и брани) и копање минерали. Сите овие проекти се голем стимул за развој на континентот, но не само тоа.

Големите проекти како железницата во Кенија која била најголем проект во историјата на земјата од осамостојувањето пред 54 години и чинел 1/5 од националниот буџет, или 4 милијарди долари – бил платен 90% од кинеска банка, поточно со заем од неа. Значи менаџирано, финансирано, замислено, проектирано, дизајнирано, изработено од кинески претприемачи со кинеска работна сила. Последица?
Модерен железнички превоз кој им останува на следните генерации Кенијци – како долг!
Освен тоа, при изведбата не биле почитувани еколошки стандарди и железницата поминува директно низ национален парк, а што е најлошо воопшто не помогнала да се реши проблемот со сообраќајот.
Се разбира не сите проекти се такви и има многу кои им помагаат на заедниците. Од друга страна Кина има подарено и многу објекти на Африка, особено парламентарни и други објекти од политичко значење. Целта на сето тоа е инвестиција во иднината на Кина како светска глобална сила на која и се потребни пријатели и врски.
Но, не се работи само за влог во иднината, туку и сегашноста. На тој начин Кина успева да влијае на земјите од Африка да не го признаат Тајван. Сега мотивите се појасни, нели? Да се навратиме на долгот.
Има два начини да се освои и пороби некоја земја. Едниот е со меч, другиот е со долг. – Џон Адамс
Се разбира, ако некоја земја не може да го плати долгот, таа е принудена да се спогоди со земјата која и помогнала. Во примерот на Шри Ланка, кога не можеле да ги вратат парите кои ги позајмиле од Кина за изградба на пристаниште, по барање на Кина им го дале пристаништето на 99 години. Со тоа отстапиле дел од својата територија на странска држава. Ако размислиме логички, не е тешко да се предвиди дека истото ќе се случи на многу места во Африка, но останува да видиме.
Во меѓувреме, изгледајте го видеото – има и една интересна шпионска приказна, како од империјалистички крими-роман!