Не чекај недела да трчаш по „старо купујем“, побарај го на интернет!

Основачите на групата „Дај, не фрлај“ започнаа еден нејзин огранок наречен „Старо купујем“, со надеж дека ќе помогнат за подобрување на состојбата околу собирањето кабаст отпад, подобра селекција и кревање на културата за реупотреба и селектирање.

Но, нека не ве лаже името, според правилата на групата „Дај, не фрлај“, така и во новата група, се што се дава треба да се подари и да не се бара надомест за истото. Освен тоа, во групата фокусот не е само на граѓаните традиционално наречени како „Старо купујем“, туку и на неформалните собирачи. Идејата е да се оствари подобра и поефикасна соработка помеѓу општата популација и овие две маргинализирани групи, како и да се подобри нивната положба во општеството.

Текстот подолу е изваден од описот на групата и дава добар увид во нејзините цели. Информирајте се и зачленете се на овој линк ако сте заинтересирани.

Во Скопје имаме ПРОБЛЕМ: Неефикасен систем на селектирање на отпадот и недостаток места за одложување кабасти и други предмети од домот кои не планираме да ги користиме…

На сите ни е познат терминот „старо купујем“, како и „неформални собирачи“. Ние сметаме дека се работи за група граѓани кои вршат многу корисна општествена улога: 1) селекција на отпад 2) транспорт со немоторизирани средства со што не загадуваат 3) со земање на стари предмети од домовите  учествуваат во идејата за повторна употреба 4) не се дел од консумеристичката култура.

Значи тие се дел од РЕШЕНИЕТО, но немаат ефикасен систем на прибирање информации и организација. Од друга страна нивните „клиенти“ немаат начин на комуникација со нив (освен личен контакт).

ЦЕЛТА на групата „Дај, не фрлај: старо купујем“ е: 1) Споделување информации каде може да се остават предмети кои неформалните собирачи ќе ги земат (особено на места каде нема контејнери за селекција), 2) Собирање информации од неформалните собирачи за тоа што точно се селектира, 3) Организирање и координирање на неформалните собирачи за подобра соработка со луѓето и обратно,

Зачленете се во групава АКО: 1) Сте неформален собирач на селектиран отпад или на стари предмети, 2) Сакате да го расчистите домот/подрумот/гаражата и сакате да ги подарите предметите, 3) Имате поголем број нешта за селекција, а во ваша близина нема контејнер за селектирање, 4) Сте продавач кому прекумерната амбалажа му создава грижи поради купиштата ѓубре и прекорните погледи на соседите зашто (пак) сте им го преполниле контејнерот.

Неформалните собирачи и „стато купујем“ – број 1 еколози во градот и државата!

УСЛОВИ: Како група која произлегла од групата „Дај, не фрлај“, за дадените предмети НЕ треба да се бара надомест, ниту да има размена на парични средства. Сметаме дека неформалните собирачи се незаштитена група граѓани кои вршат корисна општествена улога (и со прават тоа услуга на сите), за што не треба да им се наплатува.

ПРАВИЛА:

Оваа група е огранок на групата „Дај, не фрлај“ и е основана од тимот на arno.mk. Авторите на групата НЕ учествуваат во подарувањето и комуникацијата помеѓу членовите, тоа е нивна приватна работа. Бидете љубезни, културни и почитувајте ги другите членови и нивните права.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *