10 причини зошто работењето во градина е корисно за вас – физички и психички!

Како некој кој е пораснат во (з)град(а), никогаш немал некоја особена желба да биде во природа, во средните години од животот ги открив бенефитите на градинарството и би сакал да ги споделам со вас. Дел од работите кои ги пренесувам се од лично искуство и ги имам откриено самостојно, дел се од други извори кога сум истражувал и сум помислил – „Да, токму тоа го почувствував!“

71 Astonishing Gardening Quotes By Famous People | Vilee

Независно од тоа дали сакате да одгледувате цвеќиња или производи кои се јадат, за потребите на семејството или само заради естетскиот, здравствениот или духовниот бенефит, независно од тоа дали имате терасичка или дворче, ова се причините зошто дефинитивно треба да се занимавате со градинарство.

1) Со работа надвор сте изложени на сонцето и на надворешните елементи

Подолгото престојување во затворени простории, особено за време на пандемија, влијае негативно на психичкото и физичкото здравје. Кога сте надвор, вашиот имун систем се подобрува не само со изложувањето на UV зраци (се разбира во дозволена доза) и производството на Д витамин, туку и со изложувањето на минералите, бактериите, прашината, тревите… Ова е особено корисно за децата, на кои им се потребни сите овие нешта за правилен раст, развој и добар имун систем. Вклучете ги рано и развијте им ја љубовта кон градинарството или кон природата!

2) Работењето во градина ја зајакнува вашата сила, апетитот и го подобрува сонот

„Се чувствувам к’о да копав…“ не е „џабе“ изрека. Нашите предци кои работеле на поле (веројатно:) немале проблеми со сонот или со апетитот. Ако не верувате – пробајте, ви гарантираме дека првата работа која ќе ја кажете пред да се најадете и заспиете со „сон на праведник“ ќе биде – „можам да изедам вол!“

Не ви треба фитнес, градинарството не само што е физичка вежба, го раздвижува телото, мускулите и жлездите, туку и ви дава самодоверба, чувство на исполнетост и на завршена работа. Ниту еден тег или елиптичен велосипед не може да го замени тоа!

3) Градинарството одлично влијае на расположението

Како што напоменавме погоре, чувството дека сте завршиле корисна работа и да видите конкретен производ од таа работа е незаменливо. Во тој контекст, буквално го гледате „плодот на работата“, а вкусот е десет пати поубав! Градинарството помага во намалувањето на анксиозноста и ја зголемува самодовербата.

4) Градинарството може да ве смири кога сте нервозни, разочарани или вознемирени

Смирувачкиот ефект на физичката активност е познат одамна, и во научни и во лаички кругови. Кога и да ви се случи нешто непријатно, фатете се за работа во градината! Единствено предупредување би било притоа да внимавате да не повредите некое дрвце, или самите себеси. Лично верувам дека енергијата со која им пристапувате на нештата ви се враќа со ист интензитет, но обратно. Ако копате нервозни има шанса само да ве удри некоја гранка по лице или да откорнете убаво цвеќе кое сте го негувале со љубов – а расцветало заради љубовта и вниманието. Затоа, внимателно!

Coronavirus gardening: hobby and self sustainability create interest

5) Ако сте зависник – од што и да е, обидете се да работите во градина

Постои дури и терапија наречена „хортикултурна терапија“ која се темели на будењето позитивни чувства кај зависниците кои инаку се фокусирани на објектот на зависноста и задоволувањето на потребата од него. Се разбира, не мора да бидете зависник од алкохол, доволно е да бидете екрански зависник или воркохолик за да ги почувствувате бенефитите од вистинската и плодна физичка работа.

6) Учење нови вештини

Независно од тоа дали сте искусен градинар или почетник, како мене, во градинарството секогаш можете да научите нешто ново. Кога се сади, како се прави расад, пикирање, трап… за мене до неодамна беа само имиња на музички жанрови, но откако ќе го откриете нивното значење практично, а со тоа им помагате на растенијата да успеат, задоволството од стекнување новото практично знаење е бескрајно. Можете да ги прашате поискусните или да се информирате од интернет. Освен тоа, нема вештина која не можете да ја научите од YouTube.

7) Задоволството од практичната мануелна работа ги победува екраните

Тие кои поголемиот дел од денот го поминуваат пред компјутерот, како мене, и единствениот дел од телото кој им има некаква цврстина се им се врвовите на прстите, особено ќе ги ценат бенефитите на работата во градина. Болката во мускулите по ископан квадратен метар постепено ќе биде заменета со задоволство од себеси и чувство на исполнето време.

8) Поврзување на членовите од семејството на еден длабок и суштински начин

Семејството е посилно кога, на пример, родителите се грижат да одгледаат нешто што сите ќе го јадат, а децата ќе бидат свесни на трудот, волјата, учењето нови работи, совладувањето проблеми кои се потребни да се одгледа едно растение кое со радост ќе го чекаат да узрее. Поврзаноста која се гради во семејството со грижа за градината е длабока и суштинска, не’ враќа во едноставното и праисконското.

9) Градинарството е “problem solving” со последици по живот на „проблемот“

Немојте да мислите дека градинарството е само забава. Во градинарството има многу нешта кои се т.н. “problem solving”, но последиците се поголеми – можете да одгледате или да убиете растение! Сепак, ако се научите како да ги надминете проблемите, ќе имате живо и радосно растение 🙂

Ако немате многу простор или сакате поконтролирано производство, направете си мала градина од палета за јаготки, зачини или други растенија. Упатство: Youtube, Изведба: авторот на текстот 🙂

10) „Градинарете“, но со „усул“

И за крај, внимавајте кога работите во градината, не користете пестициди (проверете дали има алтернативи или ако веќе мора да користите, гледајте да биде минимално), обезбедете правилни алатки, носете ракавици, внимавајте да не се повредите, да не претерате со работа или изложеност на сонце, пијте течности, внимавајте на помалите, работете претпазливо, со внимание, со љубов и почитувајте го „средниот пат“ – во животот и во градинарството!


За повеќе информации за бенефитите на градинарството можете да ги посетите следниве линкови, како и безброј други кои лесно ќе ги најдете на интернет, или уште поубаво – направете муабет со некој „градинар“!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *