Дизајнерот и активистот Небојша Гелевски – Бане за креативноста, постојаното учење и впуштањето во нови авантури!

Бане е брзозборлест, енергичен, добродушен, но кога би морал да го опишам со еден збор, тоа би бил – дарежлив. Тој го споделува своето знаење и ресурси со секој, особено со тие кои се волни и желни да научат повеќе.

Од лично искуство, како млад дизајнер кој пред речиси две децении учел од него, честопати се наоѓав во ситуација да отидам до неговото студио Кома и да му побарам совет или материјали за некоја нова област од дизајнот. Тогаш се враќав дома со десетици дивидија полни со програми, видео туторијали, книги во пдф и многу совети за подобро и поефикасно работење.

Бане ја започнал неговата дизајнерска кариера во „далечната“ 1989 кога прв пат експериментирал со Corel Draw на Atari ST, дизајнирање и печатење на книги. Од тогаш до денес дизајнирал неброени книги, монографии, печатени материјали, сајтови, реклами, графички уредил значајни културни и општествени појави и изданија („Маргина“, Протестирам, Шарена револуција… меѓу другите), и открил дека дизајнот не е само алатка со естетска или економска функција, туку може да се користи и за општествена промена.

Од новата епизода на Creative Talks и муабетот со Бане дознаваме дека креативците мораат постојано да учат и да го надоградуваат нивното знаење, мораат да бидат во тек со технологиите и да прифаќаат предизвици. Сигурна работа за креативец е оксиморон и ако не се прилагодиш на времето, нема да успееш. И тука не зборуваме само за новите верзии на програмите кои постојано излегуваат, или за новите програми кои ги заменуваат старите, туку за впуштање во сосема нови медиуми, од графички до веб дизајн, преку маркетинг, односи со јавност, социјални медиуми, до продукција на видеа или печатарство. Дизајнерот, ако сака да биде успешен мора, по малку или повеќе, да ги познава сите овие алатки и медиуми.

За среќа на Бане, тој ги поседува сите квалитети на една љубопитна личност подготвена за постојано учење и смелост за впуштање во нови авантури. Младите креативци можат да научат многу од него и би требало да ја изгледаат новата епизода од Creative Talks.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *