Новата серија „Леонардо“ испитува како Леонардо да Винчи станал светски познат уметник и синоним за ренесансен човек.

Леонардо Да Винчи, човекот кој ја смени перцепцијата за уметниците засекогаш, ренесансен човек, сликар, архитект, инженер, научник, човек кој на Google Search се наоѓа на второ место по „Леонардо“ Ди Каприо.
За нас лично интересен е фактот според кој историјата „бира“ или „фаворизира“ одредени личности да станат култни претставници на нивната област. Она што Леонардо е за уметноста, тоа е Ајнштајн за физиката, Едисон за пронаоѓањето или Фројд за психологијата. Се разбира Леонардо бил почитуван ренесансен мајстор и пред 20-от век, но што го направи навистина прочуен?
Во 1911 година, еден вработен во Лувр, организирал кражба на делото на Да Винчи, „Мона Лиза“, која била изложена во галеријата заедно со други дела на ренесансни уметници. Се разбира, сите тие дела биле високо почитувани во општеството, но „Мона Лиза“ не била ништо повредна од другите, дури вработените во Лувр не ни забележале цел ден дека таа е украдена. Случајно, по барање на еден уметник кој сакал да ја види сликата било откриено дека никој не може да ја пронајде.
Тогаш почнала истрагата, веста прокапела во јавноста, а весниците пишувале за настанот со спектакуларни наслови. Државата покренала истрага и испечатила стотици плакати со енигматичната насмевка на Мона Лиза. Каква рекламна кампања!

Кога Лувр бил повторно отворен, посетителите ги дочекал празниот ѕид кој уште повеќе ја разгорел нивната фантазија за делото. Биле обвинети многу познати луѓе, меѓу кои уметникот Пабло Пикасо и магнатот Џ.П. Морган, а јавноста се претворила во детективска сказна, додека од цел свет пристигнувале наоди за можни локации на сликата.
Таа била конечно пронајдена во станот на Винченцо Перуџа, поранешен вработен во Лувр, кој признал дека злосторството го сторил од љубов, имено насмевката на Мона Лиза го маѓепсала и сакал да и ја возврати љубовта и да ја врати дома, во родната Италија.

Патешествието на Мона Лиза завршило во Фиренца и во 1914 година била вратена во Лувр, но медиумскиот циркус околу целиот настан останал запаметен засекогаш и ја направил оваа слика една од најпрепознатливите во историјата на уметноста. Се разбира, Леонардо да Винчи, и без тоа е вреден за проучување, па повелете погледнете ја новата серија за неговиот живот како млад уметник.