Еко-казни за почиста околина, но и повеќе можности за одлагање на отпадот

Сообраќајните казни се секако неопходни и треба да бидат дел од нашето секојдневие. На пример, според весникот Нова Македонија на 03.04. се изречени 107 сообраќајни казни, меѓу кои 9 за возење со брзина поголема од дозволената, 21 прекршок за пешаците и 35 санкции за непрописно паркирани возила.

Со вакви статистики можеме да се сретнеме честопати во дневните весници, но што е со казните за непрописно фрлање отпад? Последната статистика која ја сретнавме е од пред 8 месеци, каде е наведено дека се изречени 9 казни и 47 опомени, фактички само 9 санкции.

Од сликата се чини дека се казнува непрописно одлагање отпад покрај контејнер, што е многу помал проблем од масовното создавање диви депонии (слика: Нова Македонија)

Според нашите увиди на терен, Скопје се гуши и од непрописно паркирани возила и во непрописно фрлен отпад. Од друга страна, паркинзи има повеќе од доволно и тие кои паркираат непрописно тоа го прават свесно и треба да бидат казнети. Но, се поставува прашањето што е поштетно за еден град, автомобил паркиран на тротоар, или депонија која ја загадува природата, а отпадот се пали и се загадува воздухот.

Нашиот тим преку Арно.мк, како и преку групите Дај, не фрлај и Не фрлај, не загадувај има апелирано кон Општините за повеќе локации, некаде имавме успех, некаде не. Имаме направено и посебна интерактивна мапа за лоцирање на депониите, каде може да се следат тековните состојби.

Сепак, граѓаните се казнуваат за непрописно фрлање кабаст отпад, додека акции за собирање на истиот се остваруваат само три пати годишно. Општините мораат да преземат поактивна и проактивна улога во решавање на проблемот, како и подобро информирање за опциите, како фирми кои репарираат и подаруваат стар отпад, организирање на неформалните собирачи на отпадот, почесто и бесплатно собирање кабаст отпад и слично.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *