Граѓански активизам како опција за проблемите за кои нема слух од институциите

Секогаш кога се соочуваме со неефикасноста на институциите, самостојното организирање на граѓаните е неопходен чекор кога станува збор за важни прашања во едно општество.

Образование, социјални прашања, екологија, уметност, урбанизам, наука…се области кои ни се чини дека се запоставени и имаат потреба од многу граѓански активизам. Секој кој има медиум и можност да се обрати на јавноста, секој професионалец, интелектуалец, јавна личност е должен да го употреби својот глас и тежината која ја носи за подобрување на состојбите во средината во која што живее. Не мора да станува збор за државни прашања, доволно е да се укаже на нерегуларности во непосредната околина, кога секој би придонел по малку, на сите би им било подобро.

Примери за активизам преку социјални медиуми

Социјалните медиуми, покрај сите недостатоци кои не се малку, честопати пружаат можност за организирање акции, ширење на пораки, наоѓање решенија за проблеми кои навидум немаат решение. Така е особено во областа на екологијата, со групите како „Дај, не фрлај,“ „Не фрлај, не загадувај“, „Не биди ѓубре“, „Скопје бара чист воздух“, „Чист Охрид“ и сличните на нив. Некои од овие групи имаат голема публика, а други помала но лојална, која е подготвена за акции во реалниот свет, не само за „лајкови“ и коментари.

Во групата „Дај, не фрлај,“ која постои веќе 5 години се подарени безброј предмети. Оваа група се покажа особено корисна во изнаоѓањето компјутери и технички помагала за учениците во време на пандемија, со што придонесе во решавањето на дел од проблемите во образованието во време на онлајн настава. Групата „Не биди ѓубре“ е особено корисна не само во однос на практичниот дел – справување со непрописно фрлен отпад, туку и како порака дека кога луѓето се организираат сами можат многу да направат за заедницата во која што живеат.

Јавните и познати личности во нашата средина би требало особено да го користат овој медиум не за самопромоција, туку за упатување на пораки за солидарност, хуманост и активизам. По странските медиуми честопати сме сведоци на тоа како јавните личности, особено тие кои имаат голема публика и се финансиски помоќни учествуваат во решавање на битни општествени прашања. Особено е значаен поимот „враќање кон заедницата“, каде тие помагаат во заедницата во која пораснале. Би било убаво да видиме такви примери во нашата средина.

Се чини дека сме далеку од организирано граѓанско движење, но сепак новите технологии ни овозможуваат начини на поврзување и активизам какви во минатото не биле возможни, само треба да ги искористиме и од „кликање лајкови“ да преминеме во вистински акции.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *