Вистината и лагите за пластиката!

Македонија се гуши во отпад, имаме повеќе депонии отколку туристички атракции, воздухот е толку загаден што би требало со закон да се забрани да се дише… а не сме ни грст народ! Што не спречува да бидеме една Словенија? Всушност имаме повеќе ресурси и природни богатства отколку таа држава! И што е толку битен па проблемот со пластиката? Ајде да видиме.

Подолу ви пренесуваме едно многу поучно видео за потеклото и неуспешноста на рециклирањето на светско ниво, секој би требало да одвои 15-тина минути од денот за да го погледне. Џон Оливер на еден многу концизен начин го сумира проблемот со рециклирањето, и иако како по обичај користи хумор, зборува за многу сериозни и реални проблеми.

Од видеото можеме да заклучиме дека рециклирањето е еден суштински неефикасен систем измислен од компаниите кои произведуваат и користат пластика за еднократна употреба со цел да се префрли вината (и решението за проблемот) на потрошувачот.

Со кажаното, се разбира дека треба да селектираме, но многу поинаку од тоа што го правиме. Всушност кај нас се селектира малку и се селектира неефикасно. Тимот на Арно.мк кој е инволвиран и во групите Дај, не фрлај, Не фрлај, не загадувај и Кеса, не благодарам, како и автори на книгичката 25 факти за аерозагадувањето и начини како да го намалиш не гледа начин како сето тоа што се собира во контејнерите за селекција оди на рециклирање.

На пример на контејнер за пластика е означено шише, никаде не пишува дека тоа шише не смее да е мрсно (значи не треба шишиња од масло, јогурт), треба да е од одреден вид пластика (значи не шишиња од шампони, ниту од средства за домаќинство). Освен ова пластиката не смее да содржи ни опасни хемикалии, како ни тврди пластики, пластични чаши, прибор, цевки, пластични (најлонски) ќеси, стиропор итн. 

Неформалните собирачи (кои по пазарната логика собираат тоа што им се бара од откупувачите) не би го прифатиле тоа ѓубре, тоа е доволен индикатор. Тоа и малите количини честопати и од авторитетите на полето на рециклирањето се наведува како причина за увезување отпад – за кој меѓу другото не убедуваат дека повторно се извезува!? Сето тоа е многу апсурдно, но веќе сме навикнати на апсурдите што ни се чинат нормални.

Навистина, кој знае што, како, колку и зошто се рециклира во Македонија, па и во светот – одговорот е никој!

„Пред да започнете да се обвинувате себе си или вашите соседи дека не го селектирате ѓубрето и не ги одделувате предметите, всушност не е толку едноставно…“ вели Џон Оливер.

И навистина, предлагаме наместо постоечките лепенки врз контејнерите за селектирање да стои: “It’s Complicated!”

Сепак, некои работи се познати:

1) Во Македонија не се рециклира!

2) Македонија мора да увезува отпад поради мали количини на селектиран отпад(?)

3) Се што се селектира се извезува(!?)

Проблемот се и самите луѓе, повеќето ги интересира да го исфрлат отпадот од дома, а каде оди потоа – туѓ проблем. Кога повеќе луѓе би се интересирале, можеби надлежните би имале обврска да објаснат како точно функционира процесот. Сепак, кај нас постојат и компании кои се општествено одговорни и рециклираат, на пример Кумановската компанија „М и Т Груп“ – од картонски кутии до амбалажи за јајца! Сепак, се работи за хартија која лесно се рециклира, но што е со пластиката?

„Огромна количина пластика што не опкружува не се рециклира, бидејќи не е за рециклирање, а тоа значи дека завршува на депонии или се гори или во завршува во океаните каде што станува микропластика,“ вели Џон Оливер.

Зошто не се рециклира? Да видиме што може да има во еден контејнер со пластика. Освен многу други материјали кои не се пластика, има и разни видови пластика PET (шишиња), HDPE (шампони), PVC (цевки), PP (пакувања за храна), PS (стиропор), пластики со различен хемиски состав, тврдина, боја, содржеле секакви хемикалии, па и опасни во нив… што може да се направи со тоа? Ништо.

Според видеото подолу: „Единствено што може е (пластиката) да се искористи за калоричната моќ во индустриите за производство на железо, цемент итн.“

“Тони отпад од пакување секоја година што завршува во жолта кеса или жолт контејнер и од таму во постројка за сортирање. Проблемот е во различните видови пластика тешко да се одделат едни од други и од други материјали, затоа повеќето отпадоци се користат за обновување на енергијата. Празното пакување се гори за енергија во конвенционалните електрани или во индустријата за челик или цемент.” Ви звучи познато?

Од сето ова се поставува прашањето – дали ако селектирам (т.е. фрлам секаков вид пластика во контејнер за пластика) всушност придонесувам за загадувањето на воздухот?

Кое е решението? Забрана за пластика за еднократна употреба! Или тоа или ќе се задавиме и задушиме во пластиката. А во Македонија пред се забрана за увоз на отпад!

Ако ништо друго, можеме да учиме од другите, како на пример од Малезија. Ало Greenpeace, молиме за помош!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *