Загадување и негативно влијание на патиштата и сообраќајот на околината

Кога зборуваме за загадувањето, честопати ги забораваме патиштата и сообраќајот како извор на загадувањето.

Она што е значајно да се спомене е дека кога станува збор за сообраќајот, не се работи само за ПМ честички и загадување на воздухот. Според оваа многу исцрпна и детална студија од Велика Британија за влијанието на патиштата врз загадувањето се зборува за неколку видови загадување.

Патиштата, освен со издувни гасови, предизвикуваат светлосно, звучно и вибрациско загадување, понатаму загадување со метали и хербициди, пресекување и нарушување на биосистемите, судири и жртви (со луѓе или животни). Од издувните гасови најзастапени се NOx (оксиди на азот, кои меѓу другото предизвикуваат смог и кисели дождови), CO (јаглерод моноксид, екстремно токсичен гас) и познатите ПМ честички.

Се разбира, патиштата се неопходно зло, но потребни се систематски проучувања каде, како и колку треба да се поставуваат, како и интелигентни решенија како кружни текови кои го намалуваат сообраќајниот метеж и концентрацијата на загадувањето во нивната околина.

Од погоре споменатото истражување е заклучено дека во непосредна близина на патиштата загадувањето со метали и други штетни супстанци во почвата е далеку поголемо, а се протега и на десетици метри од патиштата, а ПМ честичките и другите загадувачи на воздухот и на стотици метри од патиштата. Другите проблеми како нарушување на сонот заради вибрациите, светлосното или звучното загадување, дури и ни се чинат како безначајни во споредба со загадувањето.

Според нас, освен доброто планирање, потребно е и градење на заштитни зони помеѓу прометните сообраќајници и патиштата, заградување пред се со жива ограда и друг вид растенија кои ќе впијат и филтрираат дел од негативните ефекти на патиштата. Сето тоа во нашата средина се применува, но недоволно и не насекаде.

Извадок од книгичката „25 факти за аерозагадувањето и начини како можеш да го намалиш“.

Прочитајте ја статијата, која допрва треба да излезе во јунското издание на списанието Science of The Total Environment, навистина е информативна и дава добар увид во еден проблем кој честопати е занемарен.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *